Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за образование и наука, Рената Дескоска, остварија средба со претставници на професорскиот пленум.
Од прес-службата на Владата информираат дека на средбата, претставниците на пленумот ги презентирале решенијата содржани во предлогот на законот за високо образование, изработен од страна на професорите, членови на пленумот.
„Премиерот, споделувајќи искуства од примери и модели на високо образование од водечките земји членки на Европската Унија, во текот на средбата, ги охрабри претставниците на професорскиот пленум да бидат гласни и да продуцираат кредибилни идеи и дебати за подобрување на образованието во Република Македонија, како и да ги одржат силни иницијативите за демократските капацитети на размислување“, соопшти Владата.
Претставниците на професорскиот пленум во текот на средбата, истакнале дека нивниот предлог овозможува реално да се согледаат приоритетите за иднината на високото образование.
Заев ги поздравил заложбите на пленумот за враќање на автономијата на Универзитетот, и се согласил дека тоа треба да биде врвен приоритет кој ќе придонесе кон поквалитетно високо образование.