Рафаел Надал беше непријатно изненаден на самиот старт од АТП шампионатот во Лондон, откако прворангираниот светски тенисер неочекувано загуби од Давид Гофан со 1-2 во сетови. Белгиецот игра многу слабо во последно време, но очигледно најде мотивација во пресметката со првиот светски рекет, одигра одличен меч и заслужено стигна до победата. Шпанскиот ас се врати од невозможна ситуација во вториот сет, кога спаси четири меч топки на Гофан, но повредата на коленото што го мачи извесно време не му дозволи на првиот носител да го одигра мечот до крај на највисоко ниво, па белгискиот тенисер на крајот се радуваше на победата.
Гофан прв стигна до брејкт за водство од 2-1, но Надал набрзо возврати, па првиот сет беше решен во тајбрејк, во кој подобар беше белгискиот тенисер со 7-5. Вториот сет донесе израмнета игра во која двајцата тенисери делуваа сигурно на свој сервис се до осмиот гејм, кога при водство од 4-3 Гофан ја искористи првата брејк шанса и се најде на чекор до победата. Тој имаше и 30-15 на свој сервис при водство од 5-3, но потоа за момент застана и со двојна сервис грешка во клучните моменти го врати големиот ривал во мечот. Белгиецот имаше и меч-топка на сервис на Надал, но неговиот форхенд од добра ситуација почетнички заврши во аут, а првиот носител успеа да израмни на 5-5. Гофан сепак се разбуди го доби својот сервис, а потоа при водство од 6-5 дојде и до три меч топки (0-40 на сервис на Надал). Шпанскиот тениски великан ја покажа својата величина, со извонредна игра ги доби следните пет поени и израмни на 6-6. Во тајбрејкот прв поведе Гофан со 2-0, но следеа шест поени во серија за Надал, кој го доби тајбрејкот со 7-4 и израмни на 1-1 во сетови.
Претходно, во првиот меч од оваа група Григор Димитров го совлада Доминик Тием со 2-1 во сетови. Бугарскиот тенисер го доби првиот сет со 6-3, Австриецот возврати со 5-7, за во клучните моменти Димитров да блесне, при 5-5 во решавачкиот сет да ги освои следните два гејма и да стигне до голема победа.