Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар, Османи, задно со Министерот за надворешни Работи, Никола Димитров, ја започнаа дводневната посета на Брисел со работен појадок со Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, каде реферираа за напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси.
Вицепремиерот Османи најнапред ги претстави резултатите и постигнувањата при имплементацијата на делот 3 од Планот 3-6-9 кој беше крунисан со одржувањето на фер, слободни и кредибилни избори. „Фокусот на мерките и активностите од првиот дел од Планот – делот три, беше создавањето услови и одржувањето беспрекорни избори, нешто во што успеавме и што беше потврдено од страна на сите релевантни домашни и меѓународни организации кои ги следа изборите“, изјави Османи.
Натаму, Османи реферираше и за подготовките и на останатите делови од Планот 3-6-9, каде ги потенцираше областите на кој се фокусирани најголемиот дел од реформите а тоа се: реформите во судството, каде, информираше Османи, во транспарентна постапка, со вклученост на голем број домашни и меѓународни експерти, при крај е изработката на Стратегијата и акцискиот план за реформи; потоа, реформите на разузнавачките служби, каде согласно препораките, но и согласно широкиот процес на консултации, избран е модел и реформите се во финална фаза на одобрување на нивната имплементација; потоа реформата во јавната администрација, во насока на нејзина деполитизација и професионализација, за што, информираше Османи, веќе е подготвена драфт верзија на Стратегијата и акциски план; како и останатите области како борбата против корупцијата, условите за работа на медиумите, реформите во полицијата, во кои области, информираше Османи, постои напредок во подготовката на Стратегии и акциски планови кои набрзо ќе бидат објавени на јавноста и имплементирани. „По изборите, Владата повторно агресивно се посвети на реформите и дооформување на Планот 3-6-9, кој, во себе ќе ги содржи сите препораки и забелешки од релевантните извештаи и од нашите меѓународни пријатели, затоа што наша цел е, по неговата имплементација да не следи нов дел 12, туку отпочнување преговори“ – изјави Османи на средбата.
Османи и Димитров реферираа и за напредокот во затворањето и на политичките прашања. Тие информираа за текот на процесот околу законот за употреба на јазици, за кој се очекува набрзо да биде изгласан во Собранието, но и за напредокот во добрососедските односи, потенцирајќи го договорот со Бугарија, како и напредокот во односите со Грција кои се движат во нагорна линија.
Во рамките на посетата, на агендата на Османи и Димитров се и средбите со Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, пота, Потпретседателката и Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика Фредерика Могерини. Османи ќе има и свое обраќање пред независниот тинк-тенк институт, Европски центар за политика (EPC), на тема, „Планот 3-6-9: понатамошно унапредување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“, а на маргините на посетата ќе оствари средба и со Директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Геновева Руиз Калавера.