Откази за 11 полицајци поради насилството во Собранието на 27 април

Единаесет полицајци кои работеле непрофесионално за време на насилството во Собранието на 27 април добиле отказ од работа, потврдуваат од МВР. 

Отказите биле потпишани во петокот, откако за нив завршила дисциплинската постапка.

Според неофицијалните информации од МВР, дисциплински постапки се водат и за други полицајци.

Најголемиот дел од отпуштените се вработени во Шестата управа на МВР за обезбедување на важни личности и објекти, и против нив била покрената постапка откако се видело на снимките дека не преземаат ништо додека пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги отвораат собраниските врати за да влезат демонстрантите. Меѓу оние кои добиле откази е и поранешниот шеф на внатрешното обезбедување на Собранието и поранешен шеф на обезбедувањето на тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Припадниците на обезбедувањето тврделе дека немале никаква законска можност да интервенираат против пратеници

Министерот Оливер Спасовски неодамна на брифинг со новинарите кажа дека суспендирани се 42 полицајци, а дисциплински постапки се водат против 70. 

 

Треба да знаете
Последни објави