ЧАКАРОВСКИ: ДОСТАВАТА НА ИНСУЛИН ДОЦНЕШЕ ПОРАДИ ПРЕЧКИ ВО ТРАНСПОРТОТ

Заменикот министер за здравство Гоце Чакаровски тврди дека дезинформација од новинарите и јавноста е сомнежот на пациентите со дијабетес дека одредени инсулини не им делуваат. 

Сепак, призна дека имало проблеми и се протнувале и неквалитетни инсулини, но во иднина вети дека тоа нема да се случува. Тој им вети на дијабетичарите дека ќе се заложи во име на Министерство за здравство и во свое лично име да се расчистат сите недоразбирања и да се види дали дијабетичарите користат неквалитетни инсулини.

„Сега примаат квалитетни инсулини. Но, работата е во тоа што има и во јавноста и кај новинарите и кај сите некоја дезинформација, а тоа е така затоа што немаме релевантни показатели за квалитетот на инсулинот. Ќе ни дозволите во наредниот период да ги доставиме релевантните показатели од лаборатории. Тоа не значи дека немало проблем, не значи дека не се протнувале и неквалитетни инсулини, но во иднина се надевам дека тоа нема да се случи“, изјави Чакаровски.

Минатиот месец имаше засилена инспекциска контрола при што Агенцијата за леково детално ги проверувала сите серии на инсулини кои ги носат дистрибутерите.

„Ќе се потрудиме во иднина редовно да добиваат квалитетен инсулин. Денес сум тука да го потврдам тоа“, изјави Чакаровски.

И Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија смета дека проблемите со инсулинот се наследени од претходно и  рече дека се надева дека проблемите со недостаток на инсулин и сомнежите за исправноста на инсулините ќе се надминат. Тој нагласи дека ја подобриле комуникацијата со надлежните и и ги определиле правците за подобрување на состојбата.

„Тоа се наследени проблеми и надлежните институции ветија дека ќе решат, како и сомнежите со квалитетот на инсулините од паралелен увоз. Да се види дали влошувањето на здравствена состојба на пациентите е од терапијата или од болеста“, изјави Киров.

Инсулинот минатиот месец не беше навреме доставен заради пречки во транспортот, вели заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски, на денешното одбележување на Светскиот ден на дијабетесот 14 ноември.

Во моментов во Македонија околу 190 000 луѓе со дијабетес. Од нив 40.000 се на инсулин, останатите 150 000 примаат таблети. Околу 5000 од нив се со дијабетес тип 1. На клиниката за ендокринологија велат дека бројот на пациенти расте постојано. Се зголемува бројот и на деца со дијабетес, а секој месец се дијагностицира кај едно до две деца.

„Бројот на пациенти се зголемува секој ден. Ние треба да работиме на мерки за зачувување на нивното здравје. Ова особено на бремените жените со дијабетес кои во 70 до 80 проценти можат да си помогнат со менување на начинот на исхрана“, рече Саша Јовановска Мишевска, директорка на Клиниката за ендокринологија.

Инаку дијабетес од тип 1 се добива генетски и овие пациенти се зависни до крајот на животот од инсулин. Дијабетес од тип 2 се добива како резултат на лоши животни навики и храната богата со шеќери. На Светскиот ден на дијабетесот беше потенцирано дека треба да се работи на превенција бидејќи дијабетесот од тип 2 може да се превенира со подигање на јавната свест за стекнување на здрави животни навики.

Треба да знаете
Последни објави