Модерните двојки прават свои правила кога се во прашање договорите за ексклузивност, заедничко живеење, брак и деца. Новите времиња носат нови начини на кои луѓето решаваат да бидат во врска и сѐ е ок додека сите се среќни и никој не е повреден.
Исто така се менува и времето што двојките го поминуваат заедно пред брак, ако се одлучат на таков чекор. Денешните двојки трошат ппомалку пари на свршеничкиот прстен, а повеќе на венчавката, а според најновите истражувања, вложуваат повеќе време во запознавање пред да се заветат на вечна љубов.
Популарната веб-страница за планирање венчавки и свадби Bridebook направи анкета на 4.000 испитаници, што откри дека просечната двојка поминува 4,9 години во врска пред брак.
Во овој период од половина деценија, на двојките им требаат во просек 17 месеци пред да почнат да живеат заедно, 22 месеци заеднички живот пред свршувачка, а потоа уште 20 месеци пред официјално стапување во брак.
Исто така, денешните генерации влегуваат во брак подоцна отколку претходните. Просечната невеста (прв пат) се мажи на 30,8 години, а младоженецот на 32,7 години, во споредба со 22,6 години за жените и 24,6 години за мажите во 1971 година.
Со оглед на тоа дека чекаат подолго време, најверојатно ќе бидат поискусни и врската ќе биде подолгорочна. Просечните младенци имале две сериозни врски пред да почнат да живеат заедно.
Истражувањето исто така покажало дека припадниците на оваа генерација не чувствуваат потреба дека мора задолжително да стапат во брак, за разлика од нивните родители.