Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на Градот Сараево, Абдулах Скака, денеска потпишаа спогодба за соработка меѓу градовите Скопје и Сараево, со што двата града официјално се збратимија.
Имајќи го предвид традиционалното пријателство и соработка на Република Македонија и Федерацијата Босна и Херцеговина, како и досегашната соработка на Град Скопје и Град Сараево, а со желба да се развиваат и збогатат постојните врски и соработката меѓу двата града, градоначалниците на Град Скопје и на Град Сараево ја потпишаа спогодбата со која ќе се унапреди соработката и размената на информации и искуства во областите на дејствување во рамките на надлежностите на градските управи: културата, културно-историското наследство, образованието, спортот, урбаното планирање, туризмот, енергетската ефикасност, меѓународните односи, прашањата поврзани со младите, здравството и социјалната политика, градските јавни служби, заштитата на животната средина, невладините организации и други области кои се од интерес за двата града.
Градоначалникот Скака се заблагодари на градоначалникот Шилегов за приемот, му го честита изборот за градоначалник и му пожела успешен мандат.
– За Град Сараево ова збратимување е од исклучителна важност, бидејќи Скопје е првиот главен град од нашата поранешна заедничка држава Југославија со кој се збратимува. Скопје и Сараево како градови имаат многу сличности и заеднички вредности и верувам дека ова е добар почеток на соработката и за двата града. Особено ми е драго што Скопје и Сараево се градови коишто ја негуваат и се познати по нивната мултикултуралност и мултиетничност и сигурен сум дека и во иднина ќе продолжиме да се движиме во таа насока – изјави градоначалникот на Сараево Скака.
Градоначалникот Шилегов го искажа своето задоволство од овој чин, потенцирајќи дека Сараево е дваесеттиот град со кој Скопје се има збратимено.
– Ова е последниот главен град од поранешна Југославија со кој Скопје се збратимува, со што за нас ова претставува добар крај, а за Сараево уште подобар почеток. Во овие неколку денови на разговорите со градоначалникот Скака констатиравме дека можеме да оствариме сериозна соработка, особено поради тоа што и двата града се соочуваат со слични проблеми, а тоа се проблемите со загаденоста на воздухот, со урбанизмот и инфраструктурата. Нашата досегашна и идна соработка ќе ги развиваме во духот на соработката, пријателството и меѓусебното почитување. Се надевам дека од нашата соработка ќе произлезат многу заеднички мерки и проекти со кои ќе се подобри функционалноста и работата на нашите градови, се со крајна цел подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Скопје и на Сараево – изјави градоначалникот Шилегов.
На потпишувањето на спогодбата, покрај градоначалниците присуствуваа и амбасадорот на БИХ во Македонија, НЕ Лепа Бабиќ, Претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, членови на Советот на Град Скопје и представници на делегацијата од Сараево, како и претставници на бошњачката заедница во Македонија.
Покрај потпишувањето на спогодбата за збратимување, градоначалниците го потпишаа и меморандумот за соработка помеѓу Градот Сараево и Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, за размена на искуства од областа на јавниот транспорт.
По потпишувањето на меморандумот за соработка, делегацијата се прошета низ Старата скопска чаршија, посетувајќи поголем број културно-историски знаменитости и дуќани.
Соработката на Градот Скопје и Градот Сараево датира од 2005 година. Оттогаш се реализирани неколку возвратни посети, а особено е интензивна соработката на полето на образованието, спортот, културата, младинските прашања, заштитата на животната средина, сообраќајот и други области.
Градот Скопје е збратимен со вкупно 20 градови, а има воспоставено пријателски односи и соработува со над 50 градови од светот. Почнувајќи од 1961 година, па досега, Скопје е збратимен со градовите:
Брадфорд (1961 година), Велика Британија;
Дижон (1961 година), Република Франција;
Дрезден (1967 година), Сојузна Република Германија;
Темпи (1971 година), Аризона, САД;
Рубе (1973 година), Република Франција;
Варем (1974 година), Белгија;
Нирнберг (1982 година), Сојузна Република Германија;
Еч Шериф (1985 година), Алжир;
Нан Чанг (1985 година), Народна Република Кина;
Маниса (1985 година), Република Турција;
Суец (1985 година), Египет;
Питсбург (2003 година), Пенсилванија, САД;
Истанбул (2003 година), Република Турција;
Љубљана (2007 година), Република Словенија;
Подгорица (2008 година), Црна Гора;
Сарагоса (2008 година), Кралство Шпанија;
Загреб (2011 година), Република Хрватска;
Белград (2012 година ), Република Србија;
Тирана (2016 година), Република Албанија.
Сараево (2017 година), Федерација Босна и Херцеговина
Соработката со голем број градови од странство пред се се должи на фактот што по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, Скопје стана град на меѓународната солидарност, па најголемиот број збратимувања и потпишани протоколи за соработка датираат по 1963 година.
Со збратимените градови Градот Скопје негува плодна соработка, во различни области. Разменува искуства на полето на образованието, културата, јавната хигиена, урбанистичките решенија, сообраќајот и на енергетската ефикасност.