Суспендирани се и 31 полицаец, зашто со рацете в џеб гледале како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отвораат собраниските врати и ги пуштаат демонстрантите.
Вкупно 11 полицајци вработени во Шестата управа во петокот добија отказ поради тоа што не постапувале професионално за време на „крвавиот четврток“ на 27 април во Собранието, а како што потврдија од Министерството за внатрешни работи, дисциплински постапки се водат против вкупно 70 старешини и се суспендирани 31 полицаец, затоа што како службени лица не одговориле на уставните и законските обврски, па на тој начин станале соучесници на тогашниот директор за јавна безбедност Митко Чавков. Како што велат од МВР, овие дисциплински постапки не значат дефинитивна казна за тие што го прекршиле Кривичниот законик, бидејќи ова се постапки во делот за работни односи.
Листата не е затворена
Дел од суспендираните полицајци не реагирале и стоеле со рацете в џеб кога неколку пратеници ја отвориле собраниската главна врата и им дозволиле на демонстрантите да влезат во Законодавниот дом. Двајца од нив, вработени во УБК, останаа без работа затоа што ги украле снимките од безбедносните камери во Собранието, не знаејќи дека системот има копија на друго место. Отказ добиле и шефовите на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, како и шефовите на собраниското обезбедување.
Како што велат од Министерството за внатрешни работи, сè уште не е затворена листата на полицајци што наскоро ќе добијат казни и отпуштања од работа. Како што посочуваат оттаму, овие дисциплински постапки не значат дефинитивна казна за тие што го прекршиле Кривичниот законик, бидејќи ова се постапки во делот за работни односи, додека пак, како што потенцираат, за евентуална истрага против нив надлежно е Јавното обвинителство.
Од Јавното обвинителство засега ги откриваат само тепачите чиј лик можеше да се забележи на безбедносните камери во Собранието, на снимките од медиумите, како и на приватните снимки кои биле направени вечерта на 27 април во Законодавниот дом. Оттаму сè уште нема покани за разговор со пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Илија Димовски и Љупчо Димовски, бидејќи на собраниските камери се гледа како овие лица ги пречекуваат демонстрантите, а дел од нив ја отвораат главната врата од собраниската зграда. Од Обвинителството не е повикан ниту Митко Чавков, кој според тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, два часа не одговарал на телефонските повици.
За целосно откривање на нарачателите, за истрага на пратениците и за Чавков најверојатно се чека назначувањето на нов Јавен државен обвинител, а најсериозниот кандидат за таа функција Љубомир Јовевски потврди дека расветлувањето на настаните од 27 април ќе биде приоритет по неговото назначување.
Повеќе условни отколку затворски казни
За учество во настаните од „крвавиот четврток“ досега на условна казна се осудени вкупно 9 лица, а само напаѓачот на Радмила Шекеринска заработи затворска казна од 4 години. Неофицијалните статистики од МВР покажуваат дека досега се поднесени вкупно 48 кривични пријави за лица што учествувале во толпата што влезе во Собранието и физички ги нападна пратениците на СДСМ, вклучувајќи го и сегашниот премиер Зоран Заев. Неофицијално, 25 од нив се товарат за учество во толпа и спречување на службено лице да си ја врши својата работа, 18 лица се товарат за учество во толпа која извршила кривично дело, тројца за учество во толпа што спречила службено лице во вршење службено дејство, а само едно лице се товари за напад врз службено лице. Две лица се товарат за обид за убиство, а едно лице се товари за неовластено држење и тргување со оружје.
По завршувањето на сеопфатната истражна постапка и прибирање на сите докази во предметот, на почетокот на месецов Основното јавно обвинителство до Основниот суд Скопје 1 достави обвинителен акт против 10 лица за сторено кривично дело обид за убиство. Обвинетите се товарат дека се обиделе да го убијат пратеникот Зијадин Села, а дел од нив со тврди предмети му нанеле загрозувачки повреди, додека останатите, пак, со клоци, удари и тупаници го извршиле кривичното дело за кое се товарат.
Надлежниот јавен обвинител поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за деветтемина обвинети, а за еден од нив предлог за продолжување на куќниот притвор.
Меѓу познатите приведени лица досега пред институциите беа изведени Кире Георгиевски и неговиот татко Цане Георгиевски кои го извршиле нападот врз Зијадин Села. Исто така, приведен беше и Горан Анѓелов од патриотското здружение „Ќосето“, а осуден на 4 години затвор беше Панче Ангелов поради напад врз Радмила Шекеринска. Најновиот приведен по 5 месеци трагање беше и кумановецот Игор Југ, кој моментално се наоѓа во притвор.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, минатиот месец најави дека ќе поднесе амандман на законот за амнестија кој е во подготовка и со кој ќе предложи да престане кривичното гонење за сите насилници од „крвавиот четврток“ во Собранието, ослободување на осудениот кубач на Шекеринска, како и ослободување на сите притворени насилници од 27 април.
певземено од www.plusinfo.mk