Според одредени студии и анализи, компаниите што имплементираат корпоративна и општествена одговорност, имаат 2-3% поголем профит од конкурентите.
Премиерот Зоран Заев денеска ги повика компаниите да го развијат концептот за општествена одговорност и да им возвратат на заедниците, во неговото обраќање на јубилејната десетгодишна манифестација Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Република Македонија за 2017 година.
– Зошто постојат и за што работат компаниите? За профит или за некоја друга цел? За газдите, акционерите, или за општеството и граѓаните? Некој ќе рече одговорот е едноставен – заради остварување профит. Но, ако отидете чекор понатаму во размислувањето, бргу ќе дојдете до заклучокот дека ако некоја компанија сака да прави профит, мора да се грижи и за општеството, за заедницата во која го остварува бизнисот. Мора да произведува квалитетни производи или услуги, или клиентите ќе си заминат да работат со некој друг. Мора да се однесува со вработените фер, или тие ќе си заминат од работа. Не смеат да ја загадуваат животната средина, зашто ќе се соочат со гневот на заедницата – рече Заев.
Тој додаде дека колку и да звучи парадоксално, општествената одговорност на компаниите се состои во тоа да го зголемат профитот.
– Колку поголем профит, толку е поголема можноста позначаен процент од заработката на компаниjaта да отиде во општествено одговорни проекти. Во проекти за заедницата во којашто живеат и работат. Оти, сите ние доаѓаме од некоја заедница и сите ние правиме добри дела кога им враќаме на своите заедници. Според одредени студии и анализи, компаниите што имплементираат корпоративна и општествена одговорност, имаат 2-3 отсто поголем профит од нивните конкуренти. Средините кои станале подобри поради придонесот на општествено одговорните компании, им возвраќаат на компаниите со мотивирани работници, со стимулативни услови за унапредување на бизнисот. Тоа е тој круг во кој општествено одговорните компании и стимулирачките средини си возвраќаат едни на други – додаде Заев.
Тој истакна дека во државите членки на Европската Унија се забележува дека е сѐ поактивна улогата и придонесот на деловниот сектор во остварување на потребите на заедницата.
– Сигурен сум дека концептот на општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија засилено ќе се развива и во иднина, со зголемување на бројот на компаниите, кои со своето транспарентно и етичко однесување ќе придонесуваат и понатаму за заштита на животната и општествената средина, за одржлив развој и просперитет во заедницата во која живеат и работат. Повикувам да помагаме, да враќаме на заедниците кои беа околу нас секогаш за да се развиеме во нашите лични и професионални ангажмани и како личности и како компании – нагласи Заев.