Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска во Струмица имаше свое обраќање во рамките на Обуката за политички лидери во организација на Институтот за политика од Република Бугарија.
– Лидерството е потреба и во семејството, потребно е и во партијата, потребно е и во државата и заради тоа светот оди во прогрес секаде каде што постојат важни одлуки. Најлошо е да не се носат одлуки, да се одложуваат, затоа што така сме безбедни. Но, тогаш стоиме во место – рече премиерот Заев поттикнувајќи ги младите да носат храбри одлуки и да гледаат во перспективите и во иднината.
Истакнувајќи дека одлучувањето и лидерството е посебно важно во политиката, премиерот Заев рече дека политичките партии преку институциите како што е Парламентот, Владата, Претседателот на државата и слично ја градат иднината на нашите граѓани, на нашите држави, на нашите општини и на нашите региони.
– Многу е важно да гледаме на перспективите и да градиме пријателство и со соседите, притоа штитејќи ги своите позиции и остварувајќи ја својата улога во општеството – рече македонскиот премиер.
Премиерот Заев ја оцени важноста на продлабочувањето на пријателството и соработката со Бугарија и додаде дека политичарите често пати не го гледаат единството и блискоста на граѓаните на двете земји.
– Сакам денеска, прво да кажам дека јас сум пријател на Бугарија. Мојата Влада е голем пријател на Бугарија. И нашиот народ е голем пријател на бугарскиот народ. Луѓето ни се блиски, имаме заеднички семејства, пријатели, младите стапуваат во брак заедно, буквално тоа секојдневно функционира – истакна премиерот Заев.
Тој информираше дека во таа насока е и одржувањето на заедничката седница на Владите на Македонија и на Бугарија во Струмица на 23-ти ноември.
– Ќе отвориме нови договори, вкупно десет кои што ќе се потпишат. Од сите тие договори, не сме свесни, можеби секој од нас, секој граѓанин од Бугарија и од Македонија ќе има своја полза, свој корист, придобивки, можеби повеќе пари, отворање на нов бизнис, нови културни соработки, спортски соработки, како и соработки во областа на образованието, туризмот, енергетиката се со цел подобрување на севкупната економија – изјави Заев.
Обраќајќи им се на присутните, премиерот Заев истакна дека покрај власта која ја има најголемата одговорност пред граѓаните, општествена одговорност има и опозицијата која покрај конструктивност треба да покаже и критичност.
– Јас би сакал и кај нас во Македонија и власта и опозицијата да стојат зад ваквите важни документи, што отвораат не само пријателство туку и големо сојузништво помеѓу Бугарија и Македонија, сѐ со цел да и им се помогне на граѓаните на Македонија, во интегративниот процес за членство во Европската Унија и во НАТО – рече Заев, додавајќи дека тоа е посебно важно заради тоа што од први јануари, се до крајот на јуни, Бугарија претседава со Европската Унија.
Заев подвлече дека претседателствувањето на Бугарија е афирмација не само за неа, туку и за Македонија заради тоа што прв пат од 2003-та година повторно ќе се одржува Самит на ЕУ за Западен Балкан.
– Овој важен настан уште еднаш ќе ја испрати пораката дека ние, земјите од Балканот, кои што се уште не сме членки на Европската Унија, ја гледаме нашата иднина и нашата перспектива во ЕУ.
Премиерот Заев се заблагодари на организаторот на настанот за поканата, и изрази надеж дека собирот ќе помогне во иднина да се изградат млади, перспективни лидери кои ќе ја храбрат цела останата Европа во градењето перспективност.