Дел од лондонските двокатни црвени автобуси од денес ќе се движат на ново биогориво кое се добива од остатоци на кафе. Биогоривото се произведува со комбинација од масло од кафе (20%), кое се добива од отпадоците и од традиционалното дизел-гориво (80%).
Според податоците од „Био-бин“, компанијата што го произведува горивото, еден просечен жител на Лондон дневно консумира по 2,3 шолји кафе, од кои се создаваат околу 200.000 тони отпад на годишно ниво. Компанијата зема дел од тој отпад од синџирите на кафулиња и од фабриките за кафе, го суши материјалот и го извлекува маслото од него, кое потоа го користи во своето гориво. Со комбинацијата од масло и дизел-гориво го создава новото Б20 гориво, односно гориво што се добива со мешање со класичниот нафтен дизел.
Лондонските автобуси можат да возат на Б20 без какви било адаптации, што значи дека не се потребни средства за инвестиции во постојниот возен парк. Моментно тие имаат произведено 6000 литри од тоа масло, што е доволно за движење на еден автобус за цела година откако ќе се измеша со дизел-гориво. Тие планираат да произведат доволно масло за придвижување на една третина од лондонските автобуси со Б20.
Погонот на „Био-бин“ може да рециклира 50.000 тони кафе годишно. Со Б20-биогоривото тие планираат во Лондон да понудат поевтина и еколошки поприфатлива алтернатива на класичниот дизел. Биогоривото е дел од новите еколошки мерки за градскиот сообраќај во Лондон што градоначалникот Садик Кан ги планира за 2018 година. Дел од мерките е и набавка на флота од нови хибридни автобуси, кои во строгиот градски центар ќе возат на електрична енергија. Крајната цел е до 2050 година Лондон да има јавен превоз кој воопшто нема да генерира емисија на штетни гасови.