Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 21-та седница на чиј дневен ред е предлог одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија во мировната операција „Алтеа” во Босна и Херцеговина.
Пратениците ќе ги разгледаат и предлог законот за рестриктивни мерки во прво читање, предлог законите за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи, и на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина за меѓусебно ослободување од визи за носителите на дипломатски и службени пасоши.
На дневниот ред на седницата се и дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници во второ читање, како и предлог законите за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, за дополнување на Законот за стечај, за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, трите по скратена постапка.
Седници ќе одржат и четири собраниски комисии – за одбрана и безбедност, за европски прашања, за надворешна политика и Законодавно-правната комисија.
Собраниската Комисија за одбрана и безбедност ќе расправа за предлог-одлуката за испраќање припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировна операција на Европската Унија, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.
Предвидено е од декември 2017 до јуни 2018 година да се испрати доктор во Тимот на доктори за Role 1 Medical Facilities, во кампот Бутмир, во Сараево. Финансиските трошоци за транспорт, плати, надоместоци на плати, логистичките трошоци на припадникот на Армијата, подготовките и организацијата за учество во мировната операција ги обезбедува Министерството за одбрана.
На дневен ред на Комисијата за европски прашања е Предлог – законот за рестриктивни мерки, во прво читање.
Членовите на Комисијата за надворешна политика ќе расправаат за предлог-законот за рестриктивни мерки, во прво читање, за предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи и за предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина за меѓусебно ослободување од визи за носителите на дипломатски и службени пасоши.
Законодавно-правната комисија ќе ги разгледа сите законски решенија кои се на дневен ред на овие собраниски комисии.