Со реформите, Владата сака да помогне во професионализирање и департизирање на медиумите, кои ослободени од притисоци ќе им служат на граѓаните
Министерството за информатичко општество и администрација денеска повторно организираше јавна дебата со наслов „Реформи во медиумскиот сектор“, на која со претставниците на медиумската фела разговараа министерот Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
„При донесувањето на законите и законските измени, целта на Владата е да се чуе Вашиот глас, вие да бидете моторот на медиумските реформи, а ние подоцна само да помагаме со механизми“, рече министерот Манчевски.
Манчевски информираше дека Предлог Законот за измени и дополнувања на Законот аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ) е објавен на ЕНЕР, Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија, откако претходно се вградени дел од сугестиите кои произлегоа од претходната јавна дебата.
Драфтот на Предлог-законот, на јавноста и експертите и е достапен до 30-ти ноември, по што ќе биде доставен до Владата и Собранието, по претходно почитување на мислењата и препораките на ОБСЕ и на Европската комисија во делот на слободата на медиумите.
„Предложените измени се резултат на потребата од надминување на претходната, долгогодишна хаварија во медиумскиот простор. Владата е посветена на создавање услови за целосна независност во медиумската сфера, со цел да се професионализираат и де-партизираат националниот сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, оцени министерот Поповски.
Тој, подвлече дека дебатата со медиумските работници нема да заврши ниту со донесувањето на ЗААВМУ бидејќи доколку е потребно, Владата ќе предложи да се формира Работна група која еднаш месечно ќе состанува и ќе работи на детектирање и решавање на тековни проблеми.
„Целта ни е, што е можно повеќе да ја намалиме улогата на Владата и во носењето на законските измени ќе побараме поддршка и од опозицијата, за да создадеме целосно независен јавен сервис и да создадеме услови за целосна независност и ослободување од било какви можности за влијанија врз регулаторот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, рече министерот Поповски.
Дел од претставниците на новинарските здруженија и медиумските работници, ја поздравија заложбата на Владата за отвореноста и транспарентноста во носењето на законите низ широка дебата во една од најсуштинските области на општественото живеење.
На дебатата, врз основа на изнесените мислења од учесниците, владините претставници изразија согласност доколку е потребно веднаш да се реагира во делот на членовите во Предлог-Законот за измени и дополнувања на ЗААВМУ, кои предвидуваат парични казни за уредниците и директорите на медиумите, за некоректен начин на известување.
На дебатата се слушнаа и различни мислења за моделот за финансирање на Македонската радиотелевизија.