НОВИОТ МОСТ Е ОПАСНОСТ ЗА ПОПЛАВА ВО ТЕТОВО

НОВИОТ МОСТ НА ПЕНА Е ОПАСНОСТ ЗА ПОПЛАВА ВО ТЕТОВО

При крај е изградбата на новиот мост на реката Пена во Тетово, лоциран веднаш до градскиот архив и полициската станица. Но иако мостот уште не е доизграден, предизвика многу контроверзии кај граѓаните и кај дел од стручните лица. Граѓаните и експертите велат дека мостот е многу ниско поставен до речното корито и како таков ќе преставува потенцијална опасност да предизвика поплави при пообемни дождови.  Од општинските власти уверуваат дека мостот е добро проектиран и дека со дополнителни решенија ќе се отстрани опасноста од поплави.

„И ние слушнавме некои изјави дека мостот е многу низок и може да предизвика поплави, но сосем ги негираме овие изјави. Деновиве ќе го дислоцираме металниот пешачки мост кој е веднаш до овој што го градиме и ќе започнеме со чистење на речното корито со што под мостот ќе се добие дополнителна длабочина од 1 до 1,5 метри. Можам да го кажам и тоа дека количината на водата што ќе помине низ овој мост е за еден и пол пати поголема од количината на водата што поминува низ мостот погоре во Горна Чаршија. Затоа велам дека нема опасност од поплави со изградбата на овој мост“, изјави Хусеин Демири, раководител на секторот за Комунални дејности при Општина Тетово.

И дел од градежните експерти велат дека ваквото решение на мостот не е добро и дека е можно тој да предизвика поплави не само во овој дел туку и во целиот град.

„Со поткопување и продлабочување на речното корито не може да се реши проблемот со опасноста од еветуално изливање на реката при пообилни дождови. Реката постојано создава наноси од камења и песок па и од други материјали и ќе треба секоја година коритото одново да се продлабочува и така ова место секогаш ова ќе биде црна точка. Ова прашање не може вака да се реши. Слична грешка се направи и со мостот на улица Индустриска кој исто е ниско поставен, па сега при секои пообемни дождови тука доаѓа до крајно намалување на пропустливоста на водата под мостот и секогаш постои потенцијална опасност од поплави. Така ќе биде и со овој новоизграден мост“, вели професорот Вулнет Палоши.

На местото каде сега се гради мостот, до 1979 се наоѓаше мост познат како Казази мост, изграден во 19 век во времето на Абдурама паша, кој бил тогашен владетел во Тетово. Во ноември 1979, по неколкудневни обилни дождови надојде реката Пена и се изли токму кај Казази мостот, бидејќи тој беше ниско поставен и немаше голема пропусна моќ за надојдената вода. За да се спречи поплава од поголеми размери, бидејќи водата почна да се излева по околните улици и дојде и до центарот на градот, беше донесена одлука тој да се минира. Подоцна, на ова место беше изграден метален пешачки мост кој се предвидува по пуштањето на употреба на новиот мост да се дислоцира. Изградбата на новиот мост, кој многу наликува на Казази мостот, ќе ја чини општина Тетово 11 милиони денари и се очекува тој да биде предаден во употреба до крајот на оваа година.

Треба да знаете
Последни објави