Казнено поправната установа Идризово -Скопје најостро ги демантира наводите во текстот „Затвореник во Идризово со пиштол кој го крие во ќелија уценува жени на осуденици“, објавен на вашиот медиум на 19.11.2017 година и потпишан со иницијали В.В.
Категорично ги отфрламе како шпекулации сите информации дека кој било затвореник поседува огнено оружје со кое им се заканува на останатите осуденици. Поседувањето на недозволени предмети редовно се контролира и спречува од страна на затворските сужби.
Во согласност со чл.17 од Законот за медиуми и член 3 од Кодексот на новинарите, бараме да го објавите демантот на неточните факти изнесени во текстот.
Управата на затворот во ниту еден момент не беше побарана да се произнесе по наводите во текстот.
Со почит, директор Керим Мамути
Одговор од Фокус:
Почитуван директоре Мамути, информацијата дека затвореник во ќелија крие пиштол и преку социјалната мрежа фејсбук им се заканува на сопругите на дел од затвореници во затворот, изнудувајќи им пари, ја добивме од неколку осуденици кои во моментот се во установата. Затворениците исто така побараа за ова да го известиме директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ, што „Фокус“ веднаш и го направи.
Директорот ни се заблагодари и посочи дека ќе се изврши претрес во ќелијата, која точно му ја посочивме.
Бидејќи нашата работа е да ја информираме јавноста, со дозвола од затворениците, ја објавивме веста, напоменувајќи дека чекаме и официјален одговор од Управата за извршување на санкции, бидејќи упативме прашање дали контролата била извршена и што било констатирано, но одговор не добивме.
Точно е дека од Управата на затворот не побаравме да се произнесе за информацијата, бидејќи директорот Мамути не одговори на нашиот телефонски повик, па бевме оневозможени да му го поставиме прашањето. Директорот може да ги провери пропуштените повици од петокот, 17.11.2017 година.
И ова не е прв пат директорот Мамути да не одговори на нашите повици, бидејќи досега, од десетина обиди, само еднаш крена слушалка. И тогаш, оправдувајќи се со зафатеност поради состанок, не добивме одговор на прашањата кои ги имавме за него. За разлика од него, поранешниот директор Живко Пејковски, кој беше поставен од владејачка гарнитура, а која беше позната дека не комуницира со „неподобните“ новинари, сепак без исклучок одговараше на нашите повици и одговараше на прашањата.
На крајот, освен демантирањето на информацијата, од Управата на затворат на јавноста и должат подетални информации за тоа дали по пријавата до Управата за извршување на санкции извршиле контрола во посочената ќелија и што утврдиле? Дали е точно дека биле одземени пет мобилни телефони, што исто така е забрането да се поседува во затвор.
превземено од www.fokus.mk