Од своите злодела во 1995 година, до денешната пресуда против Ратко Младиќ поминаа над 20 години. Хашкиот трибунал денеска стави крај со пресудата во која тој е осуден за геноцид и злосторство врз човештвото.
Само неколку дена по масакарот во Сребреница во јули 1995 година, Хашкиот трибунал поднесе обвиненија за 24 луѓе за најтешки злосторства, а помеѓу нив и Ратко Младиќ.
Во тое време се уште не беше познат размерот на убиствата кои се случувале во Сребреница, за неколку години подоцна, името на Младиќ да предизвикува вознемиреност со оглед на бројот на жртви и теророт кој го предизвикал.
Денес неговото досие покажува дека е одговорен за еден од најголемите масакри на територија на Европа после Втората Светска Војна.
Младиќ заедно со Радован Караџиќ се обвинети врз основа на нивната командна одговорност, за геноцид, злосторство врз човештвото, кршење на правилата за време на војна против луѓе кои не учествуваат во неа и кршење на Женевската конвенција од 1949 година која уредува заштитата на цивили за време на војна.
Во однос на „злосторство врз човештвото“, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ самостојно или во организација со други планирале, наредиле или на други начини помогнале и го поддржале планирањето, подготовката и извршувањето на прогонот на политичка и верска основа на цивили кои биле босански Муслимани и босански Хрвати. Или знаеле или имале причина да знаат дека нивните потчинети биле подготвени да извршат такви дела или веќе ги извршиле, и не презеле неопходни мерки да спречат или казнат такви дела или да ги казнат извршителите, се вели во обвинението.
Во однос на „геноцид“, Младиќ е обвинет за тероризирање на бошњачкото население.
Тоа е првото обвинение кое со текот на годините се менува и се надополнува. Подоцна како светот дознава за Сребреница, Младиќ се товари со нови обвиненеија.
„Откако Сребреница паднала во рацете на Србите во јули 1995 година, кои ја опседнале, изгледа се случил навистина огромен масакар врз муслиманите. Доказите кои ги изнесе Обвинителството опишуваат сцени од незамисливо дивеење врз илјадници машки муслимани кои се убиени и затрупани во масовна гробница, во кои се погребани живи мажи и жени, обесени се и заклани деца пред своите мајки, како и дедовци кои биле приморани да ги јадат органите на своите внуци. Ова се вистински сцени од пеколот и едни од најмрачните страници во историјата“, се вели во едно од соопштенијата на Обединетите нации од 1995 година.
Кога дознава за обвиненијата, Ратко Младиќ на 52 години е на врвот од својата моќ, а сега на 74 години ја дочека и пресудата во Хаг.
„Јас ги бранев мојот народ и мојата земја. Јас ниту сум ги убивал муслиманите поради тоа што се муслимани или Хрватите бидејќи се Хрвати. Не убивам ниту во Либија ниту во Африка сега“, велеше Младиќ во судницата во Хаг, бранејќи се против обвинувањата.
Младиќ е роден на 12.март 1943 година во област во Херцеговина. По завршувањето на основното образование, работи во „Тито Компанија“ како поправувач. Во војската влегува во 1961 година во училиште во Земун. Тој одредено време работи и во воените канцеларии во Скопје, каде што бил најмладиот војник во единицата со која командувал.
Во 1992 година во мај станува командант на втората воена област на ЈНА со седиште во Сараево, по што станува командант на Главниот штаб при формирањето на војската на Република Српска.
На должност е до ноември 1996 година по што сменет е со указ на тогашната претседателка на Република Српска, Билјана Плавшиќ.
Оттогаш, Ратко Младиќ е во бегство иако беше офицер на Република Српска се до 2002 година кога заминува во пензија.
Една година пред тоа пак, со указ на Воислав Коштуница му престанува активниот статус како припадник на војската на Србија. До 2005 година зема и пензија, 10 години од распишувањето на потерницата и првото обвинение.
Уапсен е дури во 2011 година во селото Лазарево во Војводина каде што се криел кај свои роднини. Се уште се нејасни причините како тој завршува во рацете на полицијата и за тоа има разни теории.
Ратко Младиќ беше 15 години најбараниот бегалец на територија на поранешна Југославија, а беше и услов за Србија во својот евроатлантски пат, која мораше да ги уапси сите обвинети од Хашкиот трибунал.
Уапсен беше во 2011 годинас на 26.мај. И покрај тоа што тој и неговите адвокати тврдат дека тој не смее да заврши во Хаг поради своето влошено здравје, сепак пет дена подоцна завршува во Хаг.
Судењето против него започна на 16 мај 2012, 16 години по првото обвинение.