Едно лице починато и петмина тешко повредени е црниот биланс на страшната сообраќајна несреќа
Едно лице починато и петмина тешко повредени е црниот биланс на страшната сообраќајна несреќашто се случи утринава на патот Кратово-Пробиштип, кај местото викано „Бигорска Чешма“. Во несреќата учествувале две возила, „Рено Меган“ со скопски регистарски ознаки и „Фолксваген Пасат“ со штипски таблички. Во двете возила имало вкупно шест лица. Четири од нив се пренесени во штипската клиничка болница.
– Двајца се на одделението за анестезија, во шок соба, а едното лице веднаш е внесено во салата за операција и при интервенцијата лицето е починато-изјави Марина Шуманска, портпарол на Клиничка болница- Штип
Тројцата хоспитализирани се вон животна опасност. Останатите двајца учесници во сообраќајката се пренесени во болницата во Пробиштип. Полицијата од 8 и 40 до 10 часот утринава вршеше увид на лице место и во тој временски интервал патниот правец беше затворен за сообраќај.