Дончев тврди дека информацијата ја добил од директор на реномирана фармацевтска компанија која добила допис од турската полиција.
Основното јавно обвинителство Скопје веќе има отворено предмет по допрен глас во врска со наводите за паралелен увоз на лекови произведени во подземни лаборатории во Турција, се преземаат дејствија за утврдување на факти и расветлување на предметот, велат од Обвинителството за Плусинфо откако Ден Дончев, директор на Фондот за здравство обелодени дека преку паралелен увоз, што значи без сертификат за квалитет, фалц лекови завршувале во македонските аптеки.
Според Дончев, кој за Плусинфо потврди дека информацијата за увозот на фалсификувани лекови ја добил од голема фармацевтска компанија, односно од нејзиниот регионален директор за Балканот, кој му предочил дека пред две години добиле допис со извештај од турската полиција која ги предупредила дека во таа земја во подземни лаборатории се произведуваат лекови за македонскиот пазар, а кои биле пакувани во амбалажи на оригиналниот лек. Дописот од турската полиција, бил препратен до МВР, но тогаш очигледно немало спроведено никаква истрага, но Дончев вели дека во земјава стасувале пратки во кои имало лекови со различни сериски броеви, со што се потврдува информацијата од турската полиција дека фалц лекови биле пакувани во оригинални паковки и дистрибуирани на македонскиот пазар.
На нашето прашање дали во оваа фаза на обработка на сознанијата може да се каже за кои лекови станува збор, со оглед на вознемиреноста што се јави кај граѓаните, Дончев, вели дека кога ќе бидат комплетирани сите информации ќе бидат обелоденети пред граѓаните.
– Прашањето е зошто досега никој не презел никакви мерки. Станува збор за сериозно предупредување и информација која ја добив од директор на реномирана фармацевтска компанија. Нема повисока цена од таа што ќе ја платите за здравјето, а во случајов зборуваме за направен увоз на лекови без сертификат за квалитет – вели Дончев.
Освен случајот со реномираната фармацевтска компанија која реагирала и до МВР, Дончев наведува уште еден случај за кој исто така тврди дека добил информација од гигантска фармацевтска компанија која и со документи му потврдила дека во земјава преку паралелен увоз стасува фалсификуван инсулин, односно еден вид инсулин спакуван во кутија на друг инсулин. Ако така фалсификуваниот инсулин стаса до пациентите, може да има и трагични последици.
Според тврдењето на директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, претходно изнесени во неделникот „Фокус“, три македонски фирми кои контролираат можеби и до 50 отсто од пазарот на паралелен увоз во Македонија, а кои се во директна и кумска врска со поранешниот премиер Никола Груевски остваруваат најголем профит од увозот кој се случува без да биде побаран каков било сертификат од производителот или пак авторизација.
Откако Дончев ги изнесе овие вознемирувачки информации, побаравме реакција од Лекарската комора со оглед на тоа што лекарите се во директна релација со лековите кои им ги препишуваат на пациентите и во случај на трагични последици може да бидат не по своја вина мета на лекарска грешка, но оттаму ни рекоа дека за овој проблем треба да се произнесе Агенцијата за лекови и директорот Роберт Бекировски.
Плусинфо се обиде да стапи во контакт со директорот Бекировски, кој пак ни препорача да побараме информации од Дончев, кој ги изнесе информациите за фалсификуваните лекови. Бекировски е прв човек на Агенцијата која е со закон обврзана да ги следи националните интереси и да обезбеди заштита на здравјето на подрачјето на лековите и медицинските средства преку ефикасна имплементација на регулативата, да врши надзор како и информирањето на стручната и пошироката јавност. Сакавме да го прашаме дали имаат сознанија за видот на фалц лековите кои се увезуваат во земјава во камуфлирана амбалажа, дали ќе побара инспекциски увид и дали ќе прати предупредување до граѓаните до конечно расветлување на целиот случај.
Проверката на лековите се врши на Фармацевтскиот факултет во Скопје и во лабораторија на Институтот за јавно здравје, но со оглед на тоа што овие две лаборатории тоа го прават за потребите на Агенцијата за лекови, Светлана Кулеванова, деканка на Фармацевтскиот факултет за Плусинфо вели дека не можат да обелоденат какви било сознанија за извршените испитувања и дека за нив може да информира само надлежната агенција.
Во отсуство на информација од државните органи кои денеска одлучија да молчат, откако во јавноста беше обелоденето скандалозно сознание, со изјава за Плусинфо реагира реномираниот очен лекар Дејан Ставриќ, поранешен претседател на синдикалната организација на лекарите кој побара брза реакција на истражните органи, Обвинителството и МВР, по изнесените сериозни индиции дека се случува тежок криминал во кој директни жртви се граѓаните.
– Станува збор за мега скандал, кој мора да се расчисти до крај. Во овој феномен има еден многу важен дел што се однесува на лекарите, односно на лекарските грешки кои можеби се случиле, не по вина на лекарите, туку поради несоодветниот лек со кој биле третирани пациентите. Кој знае колку животи се изгубени на сметка на тој паралелен увоз без сертификат за квалитет. Која е тука гаранцијата какви лекови се внесуваат во земјата? Најзастрашувачки можат да бидат последиците ако се открие дека тоа се случувало и при употребата на цитостатиците. Со какви цитостатици биле лекувани тешко болните пациенти – прашува Ставриќ и повикува ОЈО, СЈО и МВР да ги истражат детално сознанијата што ги обелодени директорот Дончев зашто може да се дојде до застрашувачки информации за граѓани кои платиле со своето здравје, можеби и со живот.
– На годишно ниво се трошат многу пари за лекување на тешко болни пациенти, што ако се утврди дека тие биле третирани со фалсификувани лекови? Ако се потврдат сомнежите, тогаш загубата и штетата од законски потврдениот паралелен увоз можат да бидат огромни – пациентите плаќаат многу пари за лекување кое не дава резултати, некои плаќаат со живот, а државата во ваков случај годишно губи десетици милиони евра на фалсификувани лекови – предупредува Ставриќ.
За лекарите нејасно е и молчењето на Лекарската комора која во вакви ситуации незамисливо е да не реагира зашто и лекарите заедно со пациентите се во алката на последиците од паралелниот увоз на лекови произведени во подземјето на Турција, наводно со злоупотреба на брендот на реномирани фармацевтски компании.