Викендов акција на МВР, УЈП, пазарна и трудова инспекција
Во текот на изминатиот викенд Министерството за внатрешни работи во соработка со Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, извршија контроли во вкупно 33 угостителски објекти, од кои 15 на подрачјето на СВР Скопје, три на подрачјето на СВР Тетово, осум на подрачјето на СВР Струмица (во Гевгелија) и седум на подрачјето на СВР Велес (во Кавадарци).
При извршените контроли во трите угостителски објекти на подрачјето на СВР Тетово, регистрирани се прекршоци во сите објекти. На два угостителски објекти им се издадени решенија за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 30 дена, како и прекршочни платни налози за глоби во износ од 500 евра. На третиот објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од седум дена.
Покрај ова, приведени се 16 лица, од кои тројца македонски државјани (заради пронајден нож, како и утврдување на идентитет) и 13 албански државјанки за злоупотреба на туристички престој во Република Македонија и нерегуларно вработување.
При извршените контроли во објекти на подрачјето на СВР Скопје издадени се две решенија за забрана за вршење на угостителска дејност во траење од 30 дена и едно решение за забрана за вршење на угостителска дејност во траење од 10 дена. Изречени се три глоби по Законот за заштита од пушење, а на девет од контролираните објекти им е наложено да достават потребна документација до инспекциските служби. Две лица се приведени, едното по член 215 (“неоволастено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“), а второто – малолетно лице кое консумирало алкохол.
Во рамки на извршените контроли на подрачјето на СВР Струмица, односно во градот Гевгелија, на еден угостителски објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 15 дена, а на друг угостителски објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 30 дена.
При извршените контроли на подрачјето на СВР Велес, односно во градот Кавадарци, на еден угостителски објект му е издадено решение за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 15 дена, а на три угостителски објекти им се издадени решенија за привремена забрана на вршење на дејност во траење од 30 дена.
Инаку на подрачјето на СВР Куманово минатиов викенд беше спроведена и зајакната акциска контрола во врска со управувањето на возила од граѓани под дејство на алкохол, при што алкотестирани се вкупно 136 возачи и притоа кај 21возач е утврдено присуство на алкохол, над дозволеното.
Министерството за внатрешни работи во соработка со другите институции ќе продолжи со ваквите контроли и во наредниот период.