Заев: Разговараме за испразнетото место во здравство, нема други рекомбинации

Јас сум убеден дека уште неколку дена и ќе ја објавиме комплетната контура на Владата, изјави Заев.

Се работи на дебата за пополнување на министерското место во Министерството за здравство, испразнето од сегашниот градоначалник на Гостивар. Сега разговараме како тоа да се пополни и не се работи за некои други рекомбинации на Владата. Не размислуваме во таков правец, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

– Навистина првичната распределба здравство беше дадено на Алијанса на Албанците заради доктор Арбен Таравари, кој важеше за прифатлива личност за медицинскиот персонал. Јас сум убеден дека уште неколку дена и ќе ја објавиме комплетната контура на Владата, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали има вистина во шпекулациите за реконструкција на Владата. 

Заев денеска не сакаше да ја коментира најавената оставка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, но посочи дека силна опозиција ќе ја направи власта да биде поодговорна.

– Тоа се внатрешни процеси кои што членовите на ВМРО-ДПМНЕ заедно со раководството и раководните структури ќе си дефинираат, како е за нив најдобро, изјави Заев на новинарско прашање за коментар на најавената оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Силна опозиција, рече Заев, ќе ја направи власта да биде поодговорна, потранспарентна, поотчетна и повеќе граѓански посветена.

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Заев рече дека без правна држава нема реформи и ако законот не е еднаков за сите, тогаш е бесполезно да постои само дебата.

– Се надевам дека ќе овозможиме правосудните органи да носат транспарентни и независни процеси, рече Заев.

Додаде дека не треба никој да биде осуден ако не постојат докази дека направил кривично дело и апелираше да се почитува презумцијата на невиност.

– Треба казна во правосудството за секој што згрешил пред законот и апелирам да се почитува презумцијата на невиност. Притворот се претвори во казна во Република Македонија во последните 10-12 години. Не би сакал тоа да се случува во државата. Навистина да се дава само тогаш, кога е тоа неопходно, а секогаш да се користат поолеснителните мерки во она што значи процес на истрага во судските процеси, изјави Заев.

 

 

Треба да знаете
Последни објави