Тендери со апсурдни цени од 0,01 денари

Во дел од тендерите, за време на електронската ауција се постигнуваат толку ниски цени што се доведува во прашање реалноста на проценетата вредност на тендерите, како и квалитетот на набавките.

 ’Најниската цена‘ како единствен критериум за избор води кон тендери со апсурдни цени од 0,01 денар и 0,01 процент. Оваа пазарна нелогичност го зголемува ризикот од можни манипулации во реализацијата на тендерот. 

Ова е нотирано во извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јануари – јуни 2017 година, подготвен од Центарот за граѓански комуникации.

Инаку, во дури 35 отсто од мониторираните тендери има отфрлање на дел од понудите бидејќи се оценети како неприфатливи, што дополнително ја влошува конкуренцијата на тендерите. Во дел од тендерите, за време на електронската ауција се постигнуваат толку ниски цени што се доведува во прашање реалноста на проценетата вредност на тендерите, како и квалитетот на набавките, се оценува во извештајот. 

Во првото полугодие од 2017 година до Советот за јавни набавки беа доставени 7.583 барања од договорните органи, односно само 9 отсто помалку од истиот период претходната година. За дадените мислења, Советот им фактурирал на договорните органи вкупен износ од 806.172 евра. 

Во првото полугодие од 2017 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,4 милиони евра, што е за 12 отсто повеќе од истиот период лани.

Во пораст е поништувањето на тендерите. Во првото полугодие од 2017 година поништени се 2.033 тендери (целосно или нивен дел), што е удел од 23,7 отсто од вкупно објавените огласи во истиот период. 

Во првото полугодие од 2017 година изречени се 19 негативни референци за 17 фирми, се наведува во извештајот од Центарот за граѓански комуникации.

Треба да знаете
Последни објави