Членовите и вработените во Државната изборна комисија ќе ги вратат бонусите што си поделија како награда за локaлните избори откако денеска ги искара американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.
Од ДИК велат дека имаат право на надоместок согласно Изборниот законик, но, како што соопштија, и покрај тоа право, одлучиле утре на јавна седница да расправаат за предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на ДИК и вработените во стручната служба за спроведените избори.
Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли на денешното предавање за борбата против корупција на Факултетот за безбедност ја посочи ДИК како пример со кој се доведува во прашање посветеноста на лидерите, институциите и на медиумите за откривање на коруптивни дејства.
„Слушнав дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија. Тие претходно дополнителено добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. Гласањето во Комисијата било едногласно, сите партии, сите етникуми, а персоналот во Комисијата добил помали бонуси. Јас сум јавен службеник, поддржувам наградување на јавни службеници кои работат повеќе од предвиденото, но имам прашање во врска со ова. ДИК е независно тело. Можеби овој потег бил дури и легален, но гласањето се случило зад затворени врати“, рече амбасадорот Бејли, на денешното предавање за борбата против корупцијата на Факултетот за безбедност во Скопје.
Амбасадарот Бејли пред студентите рече и дека тој го обелоденува ова затоа што не слушнал никаква реакција ниту од надлежните државни органи, ниту од свиркачи, ниту во Собранието, ниту од истражувачкото новинарство.