Новиот градоначалник на општината Гази Баба денеска информира дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја блокирала работата на Општина Гази Баба.
Борис Георгиевски, градоначалник на општината, вели дека причината за блокадата било солидаризирањето на советниците со притворените учесници и организатори на насилниот упад во Собранието на 27 парил. Со оваа постапка тие спречиле донесување нацрт-буџет на Општината.
„Наместо да одберат развој и буџет на Општината, ВМРО-ДПМНЕ избра да постапи по наредба на Никола Груевски. Ова не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да се обиде да ја блокира работата на Советот на Општината. Оваа блокада што денеска ја прават значи опасност да се исплаќаат плати, да се реализираат веќе започнатите активности, кусо кажано, блокада на системот на Општината, која е на директна штета на граѓаните“, вели градоначалникот Герогиевски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ со оваа постапка на блокада го спречувала реализирањето на шест проекти во општината потенцирајќи дека тие се во интерес за подобри услови за живеење на граѓаните.
„Ниту јас ниту граѓаните на Гази Баба не може да бидат заложници на нечии криминални интереси. Ако ВМРО-ДПМНЕ тоне, не дозволувам да нè повлече и нас. Токму затоа во согласност со овластувањата, а сè со цел да не трпат општината и граѓаните во текот на оваа недела заедно со администрацијата во Општина Гази Баба и советниците од советничката група на СДСМ и коалицијата ќе ги завршиме сите планирани средби со граѓаните, бизнис-секторот и невладините организации за нивните барања. Доколку советниците на ВМРО-ДПМНЕ не се вразумат и продолжат со блокирањето на буџетот, ќе одиме со мерката привремено финансирање на Општината“, додаде градоначалникот Георгиевски.
Тој ѝ порача на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека протестираат на погрешна адреса и, според него, Општината Гази Баба не е кривичен орган и не притвора никого.