Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, денеска во ТЦ „Бисер“ ја отвори кампањата „Среќна и безбедна 2018 година“.
Станува збор за кампања против употребата на пиротехнички средства, што ја организираат Општина Аеродром, СВР Скопје и Црвениот крст на град Скопје.
На настанот беше изведена симулација, односно показна вежба, за давање помош при повреди предизвикани од злоупотреба на петарди, ракети и други видови пиротехнички средства, во која беа вклучени екипи на полицијата, Црвениот крст и ученици од три основни училишта во општина Аеродром: „Љубен Лапе“, „Ѓорѓија Пулевски“ и „Лазо Ангеловски“.
„Се надеваме дека оваа кампања ќе придонесе за намалување на употребата на пиротехнички средства во пресрет на новогодишните празници и со тоа ќе се избегнат несаканите последици и ќе се зголеми безбедностa во општината“, изјави градоначалникот Марин.
Инаку, за оваа тема децата изработија творби во форма на графити и пораки, кои ќе бидат објавени на општинската страница на „Фејсбук“.