Неотповикливата оставка на Никола Груевски од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ поднесена на последниот Извршен комитет на партијата ја чека потврдата уште од Централниот комитет в сабота.
Партиските функционери се во постојани координации, групирања и прегрупирања пред најавениот конгрес на кој Груевски ќе му го отстапи столчето на својот наследник.
Партискиот конгрес речиси е извесно дека ќе се одржи во Валандово, а партиски извори прогнозираат дека до тогаш листата на кандидати за лидерското место ќе се намали на двајца, иако, како што велат во моментов ништо не е сигурно.
Груевски, пак, ветува транспарентна постапка во изборот на неговиот наследник, но не открива кој од можните кандидати е негов фаворит.
И покрај тоа што во јавноста се “вртат” повеќе имиња за идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, од партијата оценуваат дека засега изборот се стеснува на тројца, генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски, пратеникот и координатор на првата пратеничка група во Собранието, Илија Димовски и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Според нашите извори, наводно од играта отпаднале Антонијо Милошоски и Никола Попоски, но додаваат дека треба да се почека да помине состанокот на Централниот комитет, по што ќе следат и кандидатурите.
Сепак, како што стојат сега работите, Илија Димовски има најголема поддршка, барем од членовите на Извршниот комитет, но и од „старата гарда вмровци”, како што велат партиски избори. Зад неговата кандидатура, наводно стојат и Милошоски и Попоски, како и Владимир Ѓорчев, Трајко Вељаноски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Но, не може со сигурност да се прогнозира како оваа поддршка ќе се преточи во поддршка од делегати на конгресот. Неговата „слаба точка” во партијата ја гледаат во фактот дека Димовски е во „бомбите” и во предмет на Специјалното јавно обвинителство.
Мицкоски, пак се смета за фаворит на Никола Груевски, но не и на партиското членство, бидејќи, како што велат извори оттаму, не го „идентификуваат” со ВМРО-ДПМНЕ.
Самиот Мицкоски пред извесно време го исцрта идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку Груевски замине од првата позиција на партијата, и тој, според него, треба да исполни три услови-да биде лик што ќе биде прифатен од членството во партијата, да има позитивен рејтинг во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница. Веројатно Мицкоски верува дека ги исполнува овие три услови кои самиот ги наведе, па пред два дена потврди дека „постои опција да биде кандидат за наследник на Никола Груевски, ако на вонредниот партиски конгрес биде прифатена неговата оставка”.
Според брифинзите од партијата, во моментов најмала е поддршката за Тодоров, но потсетуваат дека сѐ уште е рано да се типува на некого. Оттаму додаваат дека важно е да се работи на децентрализација на партијата и промени во начинот на функционирање, што повлекува и промена на статутот на партијата.
И додека се подготвува конгресот, во партијата се уште нема одлука кои ќе бидат наредните чекори во Собранието и во институциите, дали ќе се решат за бојкот или за, како што велат, активна блокада, поради притворот на нивни пратеници. Оттаму не ги коментираат, но не ги ни потврдуваат, ниту ги демантираат информациите дека имало „сугестии” пратениците да штрајкуваат со глад во знак на протест, туку само велат дека не се согласуваат со преземање колективна партиска одговорност.