Беше очигледна комуникацијата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ со насилните граѓани кои протестираа пред Општината, рече поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, за време на денешното сведочење во Кривичниот суд во врска со обвинението на Специјалното јавно обвинителство.
Жерновски потсети дека протестите се одржувале надвор од бараката за време на закажаната седница кога било предвидено да се поништат Детални урбанистички планови. Со нивното поништување ќе биле стопирани нови градби на територијата на Центар, но не и веќе започнатите. Тој нагласи дека не било предвидено запирање на црквата, туку само незапочнати градби предвидени во Мал ринг.
Според неговото сведочење секој пат кога ќе се направеле услови за одржување на седницата, советниците на ВМРО-ДПМНЕ им сугерирале на демонстрантите да го интензивираат протестот.
Пратеничката Даниела Рангелова ме повика да излезам и да се соочам со насобраните граѓани. Не треба да се поседува големо политичко искуство за да се разбере таквиот повик – рече Жерновски.
Тој сведочеше дека почувствувал несигурност, дека биле заложници во бараката затоа што демонстрантите не им дозволувале да излезат. Жерновски рече дека почувствувал страв поради ограниченото движење. Нивните животи, рече, биле загрозени и додаде дека амбасадорите издејствувале да се смири ситуацијата. Насилниците, рече тој, фрлале со предмети кон местата каде седеле советници од коалицијата на СДСМ.
Тој забележа дека полициските службеници потфрлиле за време на протестот. Иако имало припадници на специјалните единици, сепак на насилниците им било дозволено да се доближат до бараката.
На прашањето на обвинителката Фатиме Фетаи, што извикувале демонстрантите, Жерновски одговори дека извикувале „комуњари излезете надвори, вие ли ќе рушите црква“.
Жерновски потсети дека по завршување на настанот на прес конференции објавил фотографии од насилниците во друштво со функционери на ВМРО-ДМНЕ. Од МВР, рече, му одговориле дека насилниците се непознати, што според него е смешно бидејќи фотографиите ги откриваат.
Судското рочиште за обвинението на СЈО по однос на насилствата во Општина Центар се уште трае. На обвинителна клупа денеска седнаа Никола Груевски и Миле Јанакиески.