Скопската полиција поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против И.С.(40) од Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Како што информираат од МВР, пријавениот И.С. неовластено, заради понатамошна препродажба, од засега непознато лице набавил и држел кај себе наркотична дрога хероин и смеса за зголемување на масата на хероинот. Пријавениот откако ги набавил хероинот и смесата, ги чувал во својот дом, каде ги пакувал во помали полиетиленски пакувања наменети за улична препродажба.
На 06-ти месецов, по претходно добиени оперативни сознанија и издадена судска наредба за претрес, од страна на Единицата за недозволена трговија при бил извршен претрес во домот на И.С. каде биле пронајдени една кутија во која имало 13 помали и една поголемо пакување со прашкаста материја, две стаклени тегли во кои имало кеси со прашкаста материја, една кутија со пет кесички со прашкаста материја, дигитална вага и држач за СИМ картичка со остатоци од прашкаста материја. Пронајдените предмети биле одземени и со наредба од Основното јавно обвинителство – Скопје биле предадени на вештачење.
По извршеното вештачење било утврдено дека пронајдената прашкаста материја од пет пакувања со вкупна тежина од 43,15 грама е хероин, прашкастата метерија од стаклените тегли со тежина од 498 грама претставува мешавина од кофеин и парацетамол, додека трагите пронајдени на дигиталната вага и држачот за сим картичка претставуваат остатоци од хероин. Пријавениот И.С. бил лишен од слобода и во просториите на Единицата за недозволена трговија бил извршен службен разговор, при што го појаснил начинот на купопродажба на наркотичната дрога.