Вчеравечер, на територија на Општина Карпош се отруени неколку кучиња како последица на оставен отров од страна на несовесни сограѓани.
Општина Карпош најостро го осудува овој нечовечки чин на труење на уличните кучиња и миленици.
Во оваа прилика, сакаме да ја информираме јавноста дека сме во постојана координација со надлежните државни органи околу спречување на ваквите инциденти и незаконски постапки. Локалната самоуправа решително пристапи кон решавање на овој актуелен проблем кој нѐ засега сите. За таа цел веќе утрово стапивме во комуникација со ПС Карпош со кои се договоривме заеднички да делуваме на терен, што подразбира мапирање на откриените отрови, нивно отстранување и идентификација на сторителите.
Исто така, службите за хигиена и комуналните редари на Општината добија дополнителна обврска за засилена контрола и отстранување на отровите кои се расфрлани на јавен простор, односно во парковите, зелените површини и околу зградите.
Општина Карпош апелира до сите граѓани на разумно однесување и зголемена грижа за милениците. Како локална самоуправа сме во процес на изнаоѓање на трајно и хумано решение, како за зголемена безбедност на граѓаните, така и за заштита на уличните кучиња и домашните миленици.
Сакаме уште еднаш да потсетиме и да предупредиме дека расфрлените отрови се директна закана за милениците, но и потенцијална опасност за децата и за сите карпошани.
Труењето на кучињата ќе биде строго санкционирано согласно важечката законска регулатива информираат од општина Карпош.