Премиерот Зоран Заев, денеска учествуваше и се обрати на настанот „Корупција – непосредна закана за човековите права“, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Меѓународниот ден на човековите права, што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На овој настан, на кој свое обраќање имаа и амбасадорот на Соединетите американски држави Џес Бејли, и координаторката на мисијата на Обединетите нации во Република Македонија Луиза Витон, беше потпишана и Декларација за борба против корупција.
Декларацијата, во име Владата, и на партиите што ги претставуваат во владината коалиција, како и во име на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), претставничко тело на градоначалниците и на локалната власта, ја потпишаа премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во име на претседателот на партијата на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов.
Потписниците на декларацијата на овој настан, пред македонската јавност, искажаа и јавна обврска дека ќе се застапуваат за нула толеранција за корупцијата, како и за целосно почитување на човековите права.
Во своето обраќање на настанот „Корупција – непосредна закана за човековите права“, Заев истакна дека врз основа на искуството на нашето општество, и врз основа на препораките на напредниот свет, мора дасе удвојат напорите за препознавање, спречување и решавање на коруптивните вируси што создадоа ситуации на длабока политичка корупција.
– Препознавањето е веќе на повисоко ниво. Следни чекори кон кои сите треба заедно да тргнеме се спротивставувањето, сериозно симнување на прагот на толеранција кон корупцијата, спречување, пркос и борба со злоупотребите и коруптивните дејства. Силно се противам на феноменот што предизвика создавање на амбиент во кој некои политички елити се почувствуваа привилегирани, и мислеа дека правдата и казната што произлегува после корупцијата, нема да ги опфати и нив.
Дозволете ми само еден пример кога зборуваме за слободата како темелно човеково право, вклучувајќи ја и слободата на политички избор: Дали можеме да зборуваме за слобода ако корупција за време на изборен процес предизвикува загриженост за точноста на конечниот резултат? Укинувањето на ова човеково право, може да предизвика политички и социјални немири и протести. Во таков случај, може да биде оневозможено и правото на политичко учество, и правото на избор, а евентуалната репресија за сузбивање на протести, исто така може да предизвика сериозни повреда на човековите права – рече Заев.
Тој рече дека никој, кој и да е – не смее да биде привилегиран и никој не смее да биде изземен од одговорност.
– Институциите се тука да истражуваат, да прашуваат, да расчистуваат, а ние како граѓани и носители на јавни функции сме должни да одговараме. И ако сме чесни и одговорни, се ќе биде во ред. Корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на човековите права, е најтежок вид на корупција. Иако експертите велат дека секоја корупција е подеднакво штетна. Она што ни е потребно е сеопфатна, високо приоритетна акција за искоренување корупцијата на сите нивоа и во сите јавни институции. Исто така, постои потреба да се реагира јасно на коруптивните практики и во приватниот бизнис, чиишто последици имаат тенденција да се прелеваат во јавната сфера – рече премиерот.
Заев истакна дека сите мора да дадат сопствен придонес кон реформата и кон новото време за кое, рече, постигнавме општествен консензус.
– Нула толеранција за корупцијата и нула толеранција за кршење на човековите права – и ништо помалку. Тоа е единственото решение за да ги дигнеме на пиедесталот еднаквоста, човечкото достоинство и слободата на индивидуата – истакна Заев.