Стотина граѓани денеска протестираа пред Владата, загрижени за последиците од загадувањето на градот. Тие побараа надлежните да изнајдат решенија со кои ќе се намали загадувањето на воздухот.
– Алармантна е состојбата и итно мора да се преземат мерки. Сметам дека автомобилите се најголеми загадувачи и мора Владата да го редуцира движењето или да се воведе пар-непар – изјави граѓанин.
Драги Змијанац од Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“ пак изјави дека со протестот сакаат да ги потсетат надлежните на ветувањата.
– Се додека не се реши проблемот со загадувањето ќе ги поддржиме сите иницијативи на мајки, татковци, на здруженија кои се залагаат за да се подобри состојбата со загадувањето со краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки Ние ја поддржуваме иницијативата да се бојкотира наставата. Сметаме дека треба да се прогласи вонредна состојба ако загадувањето е два дена по ред над дозволеното – рече Змијанац.
Змијанац рече и дека поради загадувањето, Детската болница за белодробни заболувања е преполна со заболени деца и оти веќе се прават обиди за создавање услови за примање и на поголем број на пациенти.
Детската амбасада, како што рече, ќе се обрати и до меѓународните институции да помогнат во справување на проблемот.
Протестот беше најавен и организиран на Фејсбук под мото „Станете за чист воздух“.