Приватните превозници ќе добијат од Град Скопје субвенции за да инсталираат уреди на гас и да набават нови автобуси кои ги задоволуваат Еуро 5 и Еуро 6 стандардите. Ова е една од мерките предвидена со програмата за заштита на животната средина на Град Скопје за 2018 година.
Во буџетот за наредната година за оваа програма предвидени се 2,3 милиони евра што според новото градско раководство е трипати повеќе од ребалансот на буџетот за 2017 година, кога биле предвидени околу 780.000 евра.
Покрај за приватните превозните, за кои се обезбедени 325.000 евра за субвенции, со цел намалување на загадувањето на воздухот од јавниот сообраќај, предвидени се и 1,6 милиони евра за да се купат зглобни електрични автобуси за ЈСП „Скопје“. Околу 325.000 евра се предвидени и за субвенционирање на јавното претпријатие за бесплатен автобуски превоз во денови на алармантно загадување на воздухот.
„Во 2018 година, со финансиска поддршка од Град Скопје, граѓаните ќе добијат субвенции при набавка на инвертери за затоплување, за што се обезбедени 160.000 евра. За училиштата ќе се обезбедат околу 1,5 милиони евра за реконструкција на енергетско-ефикасни фасади и околу 20.000 евра за опремување на училниците со прочистувачи на воздух. Во склоп со буџетот за 2018-та година, предвидени се и зелени проекти за кои ќе има 160.000 евра за кофинансирање на изработка на зелени покриви со соодветни институции“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.
И догодина Градот ќе дава субвенции на граѓаните за набавка на печки на пелети за што се наменети околу 240.000 евра, субвенции за набавка на велосипеди за што се обезбедени 160.000 евра а ќе почне со реализација проект за обука на оџачари за што се обезбедени 25.000 евра.