Самата обвинителка јавно кажа дека разговорите постои можност да бидат манипулирани и контаминирани.
Тоа е интересен детал кој ги потврдува сомнежите за прислушуваните разговори од претходно, рече Никола Груевски во изјава за медиумите коментирајќи ги наводите на обвинителката Лиле Стефанова на денешното рочиште за случајот „Траекторија“.
Таа во судница рече дека од „бомбите“ на одбраната им се дадени транскрипти, а аудио снимките можеле да ги слушнат кога биле повикувани во СЈО а не се јавувале. „Бомбите“ исто така, рече Стефанова, се доставени до судот во аудио формат, а не и до одбраната бидејќи постои можност да се работат или да се манипулира со нов.
– Тие креирани материјали не може да бидат доказ меѓутоа под притисок на власта Апелацискиот суд донесе одлука иако е свесен дека е незаконска. И покрај тоа нашите бранители побараа да ги имаат и добија одговор дека не може од причина што ако ги добијат можат да се комтаминираат. Ако обвинителството ги има примено од Зоран Заев, претпоставувате за што станува збор односно дека е во прашање политички прогон – изјави Груевски.
За второто судење за насилството во Центар, посочи тој, самата судијка кажа дека не се исполнети законски услови од причина што нема камери.
– Претставниците на СЈО кажаа дека и покрај тоа што е незаконски, сакаат да го одржат. Тие не го негираа тоа дека е незаконски да се одржи судењето – рече тој.
Груевски изјави дека станува збор за малтретирање на сите нив, за политички прогон од обвинителство кое е политички формирано.
– Имаме селективна правда. Ни се закажуваат по две рочишта во еден ден, секоја недела по три – четири пати сме во суд. Судот е под притисок кон нас да постапува како кон луѓе кои мора да бидат осудени, а од друга страна судењето на Заев не може да почне две години – посочи Груевски.