Шест лица загинаа кога воз на американската железничка компанија Амтрак излета од шините од железнички надвозник јужно од Сиетл и најмалку еден вагон се урна врз автопат.
Најмалку 77 лица се префрлени во болница, но се уште нема официјална информација за тежината на нивните повреди.
Портпаролот на болницата Свети Петар соопшти дека во таа медицинска установа биле донесени 12 повредени, од кои тројца се во критична состојба.
Гувернерот на државата Вашингтон Џеј Ајнсли прогласи вонредна состојба како одговор на несреќата.
Возот на Амтрак, со 78 патници и петмина членови на екипажот излета од шините за време на утринскиот сообраќаен метеж на првиот ден од како беше ставен во употреба на таа рута. Возот од денеска возеше по нова рута, создадена за да ги избегне бавните кривини и „еднонасочните тунели на главните пруги.
Инцидентот се случи северно од градот Олимпија, главен град на државата Вашингтон. Железничката компанија Амтрак соопшти дека возот се движел од Сиетл кон Портланд.
Најмалку еден вагон падна од железнички надвозник на прометната Петта меѓудржавна магистрала. Неколку возила кои биле на магистралата се уништени или оштетени.
Поради инцидентот, сите приоди кон на југ на автопатот се затворени за сообраќај. Возачите се повикани да ја избегнуваат областа.