Судењето против дедото на Тамара за обид за убиство на ексминистерот Тодоров

Во кривичниот суд за денеска е закажано судење против Љупчо Стојановски, дедо на починатата Тамара од Велес, кој на 1 јуни годинава пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Тој се товари за две кривични дела – обид за убиство и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Судот му определи притвор на Стојановски поради постоење опасност од бегство и опасност од извршување на истото кривично дело.

Инцидентот се случи на 1 јуни годинава пред Министерството за здравство. Според она што го кажал пред полицијата, дедото на Тамара дошол утрината сам во Скопје. Кај себе имал повратен билет за Велес. Кажал дека тој напрвин го чекал Тодоров дома, но ексминистерот не се појавил. Потоа дошол пред Министерството за здравство и веднаш кога му се појавил пред очите, почнал да пука кон него. За среќа, Тодоров не беше повреден.

Набргу по инцидентот, мајката на починатото болно девојче од Велес рече дека револтот во семејството е голем, но дека никогаш не помислила дека татко ѝ ќе посегне по животот на ексминистерот Тодоров од кого семејството и јавноста бараа одговорност за смртта на Тамара. Таа почина чекајќи Фондот да ѝ одобри средства за операција во странство.

 

https://www.youtube.com/watch?v=LVOs1X1FhuA

 

 

Треба да знаете
Последни објави