Негативната реакција на јавноста на јавната досуда на смртна казна на десет лица во Кина, ќе ги натера кинеските власти уште построго да ја забранат таквата пракса, пишува “Guardian”.
Јавното судење и изрекување на смртна казна на десет луѓе на спортски стадион во Кина, го докажува очајот на кинеската влада, сметаат експертите.
Илјадници луѓе, вклучувајќи и униформирани ученици, се собрале на стадионот во градот Луфенг, за да бидат сведоци на јавното судење. Десетте осудени по судењето биле одведени од стадионот и ликвидирани, пишува Daily mail.
Кина официјално не дозволува јавни судења надвор од судница, но локалните власти и натаму ја спроведуваат својата брутална политика.
“Уште постои диспропорција меѓу националните елити, кои се полиберални и сакаат реформа, и локалните службеници, кои сакаат остри казни”, објаснува професорката по право од Кинескиот универзитет во Хонгконг, Мишел Миао.
“Локалните власти и натаму силно ги поддржуваат ваквите јавни судења”, додава таа.
Агресивните мерки се знак дека локалните власти се очајни и фрустрирани поради неуспешната борба со дрогата, вели Миао. Јавното судење се одвивало во подрачје познато по производство на метамфетамин.
Поради осудата од јавноста за ова судење, Миао очекува дека властите во Пекинг ќе се обидат поактивно да стават крај на таквата пракса.
Либералниот весник “The Beijing News”, во сопственост на државната радио мрежа, објавил коментар под наслов: “Престанете јавно да ја прикажувате драмата на јавните смртни осуди”. Статијата зборува против понижувањето на осудениците и овој случај го нарекува “сериозен срам за владеење на законот”.
Реакциите на кинеските социјални мрежи се поделени: некои остро го осудуваат судењето, прашувајќи се дали следен чекор ќе бидат јавни погубувања, додека други сметаат дека осудените криминалци го губат правото со нив да се постапува достоинствено.
Кина последните 10 години се обидува да го намали бројот на смртни казни. Во 2007-та година е донесено барање дека сите смртни казни мора да се прегледаат и да бидат одобрени од Врховниот народен суд. Судот, во една година, наводно отфрла 10 проценти од смртните казни.
Според пишувањето на локалните медиуми, ликвидациите во Луфенг добиле одобрение од Врховниот суд.
Владата исто така го намалила бројот на казнени дела што се казнуваат со смрт, иако уште може да се добие смртна казна за ненасилни престапи, како трговија со дрога или економски злосторства.
Вилијам Нее од организацијата за заштита на човековите права “Amnesty International” изјавил дека со досудувањето на смртна казна за злосторства поврзани со дрога, Кина ги крши меѓународните човекови права.
Кина годишно ликвидира повеќе луѓе отколку сите други земји заедно. Според проценките, минатата година во Кина биле ликвидирани 2.000 луѓе, што е напредок, со оглед на тоа дека таа бројка во 2002-та година изнесувала 12.000.