Затвореник кој бил на викенд надвор од затворот и негов пријател заработија кривична пријава поради кражба на џип „ланд ровер“.
Скопската полиција информира дека пријавата е поднесена против И.Р. (28) и З.Ф. (31) од Скопје. Тие на 13 минатиот месец, околу 8.40 часот се движеле пеш по улицата Московска кога забележале како пред тобакото се паркирало патничко возило, џип „ланд ровер“.
Сопственикот влегол да пазари во тобакото, а џипот го оставил да работи. Тие ја искористиле шансата, влегле во возилото, го одзеле и побегнале во непознат правец.
Сопственикот ги забележал како влегуваат во возилото и се обидел да ги спречи, се фатил за рачката од совозачката врата за да ја отвори, но пријавените успеале да побегнат.
Веднаш по добивање на пријавата, била започната потрага и возилото со пријавените било забележано и следено од Скопје до село Ласкарци. По пристигнување во с. Ласкарци, И.Р. и З.Ф. ја намалиле брзината, скокнале од возилото и избегале.
Возилото му било вратено на сопственикот, а со направените ДНК и други вештачења било утврдено дека И.Р. бил учесник во настанот. Тој во целост го признал и го појаснил извршувањето на кривичното дело. Исто така, од Казнено-поправната установа „Идризово“ во Полициската станица Карпош бил донесен З.Ф., кој бил препознаен од оштетениот.