Д-р Венко Филипче, речиси „породениот“ нов министер за здравство во владата на Заев, е типичен производ на македонскиот здравствен „преплет на црева“
Тој е фален стручњак во својата неврохирургиска област, но со политички доволно лабилни ставови и со роднинско-зетовски комплексни врски и пријателски релации кои го прават прифатлив за која било постава што владее со македонското медицинско и здравствено „надземје“ и „подземје“.
На пример, г. Филипче покажа дека нема морален проблем да се потпише под контра-пленумските професорски прогласи во одбрана на вредностите кои во политиката ги застапуваше Груевски, а потоа да му биде советник на здравство на Заев, кој во супериорен налет ги сруши вредностите кои во политиката ги застапуваше Груевски. Нормално, со таков политички пост-трауматски стрес, сега докторот има блага амнезија за таа своја фаза во животот.
Новиот министер – за кого велат дека е производ на „женското лоби“ во кадровските кујни на СДСМ – е „дете“ на македонскиот здравствен систем во кој со децении се води епска борба помеѓу силите на Доброто и силите на Лошото, во која пациентите се во постојано повлекување пред налетите на корупцијата, фармацијата, непотизмот, митоманството, веледрогеристите, битките за директорски фотељи, професорските суети и лекарските грешки.
Со други зборови, не би требало да има нешто што на д-р Филипче во здравството не му е лично познато или барем теоретски јасно. Како да е излезен од досетката дека медицината денеска толку многу е напредната, што веќе нема здрави.
Тоа е точката во која почнува да нѐ облева студена пот.
Имам еден пријател кој тврди дека, ако ти понудат да бираш дали да бидеш директор на Дојче Банк во Германија или министер за здравство во Македонија, треба да си голема будала, па да заминеш за Германија! Низ македонското здравство поминуваат толку многу пари чиешто трошење, директно или индиректно, го контролира министерот, што само треба да кивнеш за да фатат да те лечат со цитостатици.
Водењето кадровска политика на министерот низ клиниките, болниците и другите здравствени установи, плус замешателствата околу Медицинскиот факултет, ја прават серијата „Игра на тронови“ како утринска програма препорачлива за претшколска возраст. Па Фондот за здравство, па набавките на опрема, па идеите за нов клинички центар во Скопје, па увозот на лекови и смрдливо богатите веледрогеристи на кои би им требало не повеќе од два дена и женскиот манастир во Водоча да го претворат во салон за тајландска еротска масажа…
На врвот на сето тоа ќе биде министерот Филипче! Не памтам ниту еден од неговите претходници кои не завршија со процесирани или непроцесирани тешки афери. Последниов со трчање си замина после два месеци во фотељата, а претходниот, откако се обидоа да го отепаат, сега, галиба, ќе треба две рала адвокати да фаќа за да докажува дека е невин.
Плус, пробудената јавност! Не само медиумската – таа едвај чека да го улови на првите грешки – туку и граѓанската, „пациентската“… На пример, заради семејни прилики, знам нешто од проблемите на дијабетичарите. На луѓето им е преку глава од профитите што се прават врз нивната мака и, доколку нема реални подобрувања, подготвени се следниот министер – значи овој, Филипче – да го врзат на женско магаре, свртен наопаку, и да му бутнат на магарето таква лута пиперка во газот, што министерот ќе го снема од сцената како да го лансирале од космодромот кај Бајконур!
Затоа и мислев дека е добро на д-р Филипче да му посакаме едно топло добредојде на министерската фотелја, со желба работата да ја извршува со усул, чесно и одговорно, како што ни ветува г. Заев.
Инаку, магарето чека врзано кај Бајконур…
Пишува: Сашо Орданоски