Освен што се вкусни и за миг можат да го збогатат секој ваш оброк, печурките се многу здрава и хранлива намирница која би требало почесто да се наоѓа на вашата чинија. Само 80 грама печурки по својот состав можат да заменат еден дневен оброк овошје и зеленчук.
Како природен извор на витамин „Б5“, кој на телото му дава енергија и издржливост, оваа намирница како да е создадена за луѓе кои живеат со забрзано темпо на живот. Исто така, печурките се нискокалорични и со тоа се идеални за оние кои на здрав начин сакаат да загубат некој килограм. Но, како и секоја друга намирница и тие треба правилно да се исчистат и да се приготват за јадење.
● Печурките се природен извор на голема количина на витамини („Б1“, „Б2“, „Ц“ и „Д“) и минерали (калиум, железо, цинк, калциум).
● Преполни се со витамин „B5“ кој на телото му помага да ја апсорбира и максимално да ја искористи енергијата од храната што ја јадеме.
● Имаат многу ниска калорична вредност и содржат малку маснотии, па со самото тоа се извонреден и здрав сојузник при секоја диета.
● Најбогати со протеини се шампињоните и вргањот кои поради тоа се одлична замена за месо.
● Печурките се природен извор на фолна киселина која многу тешко се надополнува по природен пат.
Како се приготвуваат?
● Свежите печурки не смеете да ги миете во вода затоа што тие ја впиваат како сунѓер и на тој начин ги губат нутритивните вредности.
● Набавете посебно сунѓерче или четкичка за чистење на печурките или пак истријте ги убаво со кујнска крпа од погруб материјал се додека не ги отстраните сите траги од земја.
● Не ја фрлајте дршката туку добро исчистете ја и исечете по должина на половина.
● За гулаш и за динстање горниот дел од печурките сечете го на половинки и четвртинки. Така ќе останат сочни и вкусни.
● За омлет, рижото или за сос за тестенини исечете ги на тенки листови за да можат полесно и поубаво да се поврзат со сосот.
● Печурките секогаш пржете ги на добро загреано масло. Најдобро е тоа да се прави на путер или на маслиново масло.
● Ако сакате печурките да се потпечат поубаво, приготвувајте ги во голема тава за да имаат доволно простор.
● Откако ќе ги испржите можете со нив да приготвите што сакате. Додадете им јајце, сланина и зеленчук, збогатете ги со лук и сос од домати или со павлака за готвење и уживајте во вкусниот и здрав оброк.