ВЛАДАТА ЌЕ ПРОДАВА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ПО 70 ДЕНАРИ ЗА КВАДРАТ

Владата ги намали цените за продажба на градежно земјиште во сопственост на државата во 58 општини на 70 денари за метар квадратен за изградба на објекти за групно домување, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Со Уредба на Владата, до 23 пати се намалува цената за отуѓување на државно земјиште со непосредна спогодба, ако градежното земјиште се намени за изградба на ученички домови, студентски домови, домови за престој на стари лица и самци, домови за деца без родители и домови за незгрижени лица.

Во изјавата на министерот Горан Сугарески во соопштението не се прецизира дали земјиштето потоа ќе може да се пренаменува и со тоа да се злоупотребува.

„Веруваме дека со оваа мерка ќе го стимулираме приватниот сектор, ќе привлечеме нови инвеститори во овие делови на Република Македонија, ќе допринесеме за локален економски раст и порамномерен развој во државата“, вели Сугарески.

Станува збор за општините: Крива Паланка, Дебар, Виница, Неготино, Радовиш, Ресен, Сарај, Шуто Оризари, Свети Николе, Берово, Македонски Брод, Дојран, Валандово, Делчево, Демир Хисар, Кратово, Крушево, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Македонска Каменица, Пехчево, Илинден, Арачиново, Босилово, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Градско, Дебарца, Долнени, Желино, Зелениково, Зрновци, Јегуновце, Боговиње, Карбинци, Конче, Кривогаштани, Липково, Лозово, Маврово и Ростуша, Могила, Новаци, Ново Село, Петровец, Пласница, Ранковце, Росоман, Сопиште, Старо Нагоричане, Студеничани, Теарце, Центар Жупа, Чашка, Чешиново-Облешево и Чучер-Сандево.

Треба да знаете
Последни објави