Министерот за економија Крешник Бектеши денеска врачи решенија и договори за субвенциипо мерките одПрограмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година, со кои беа поддржани над 150 претприемачи.
„Преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година овозможивме директна финансиска поддршка на претпријатијата, во износ од безмалку 25 милиони денари, преку реализација на мерки за поддршка за имплементирање на стандардите за квалитет – ИСО, ХАСАП, ХАЛАЛ, за набавка на нова и модерна опрема, како и за подобрување на деловниот простор, наменети за занаетчии, жени претпреимачи, мали и средни претпријатија, еснафи и занаетчиски комори. Сето ова е со цел на претприемачите да им се помогне во унапредување на нивното работење, подобрување на квалитетот на производство, поголема конкурентност, како на домашниот така и на странските пазари“, рече министерот Бектеши во своето обраќање на свеченото доделување на решенија и договори за исплата по мерките од споменатата програма.
Имено, првично буџетот за делот од оваа програма наменет за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија изнесуваше 8.890.000 денари. Новата Влада со Планот за економски раст се определи за уште поинтензивна поддршка на секторот мали и средни претпријатија и со ребалансот на Буџетот во месец август обезбеди уште дополнителни 16.000.000 денари за оваа намена, со што вкупниот буџет за поддршка на МСП се зголеми на 24.890.000 денари.
Со овие дополнително обезбедени средства, покрај зголемување на поединечните износи за континуираните мерки, беше креирана и новата мерка финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија за набавка на опрема и алати, дизајн на производ и изработка на визуелен идентитет на производот, како и за учество на домашни саеми. Поддршката за сите мерки се спроведуваше преку објавување на јавни повици.
За првата мерка – финансиска поддршка за воведување и сертифицирање на ХАЛАЛ систем, субвенционирани се сите 13 компании кои аплицирале со вкупен износ од 2,2 милиони денари. Со втората мерка – финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија поддржани се 45 од пристигнатите 64 барања со вкупен износ од 9,4 милиони денари. Преку третата мерка – кофинансирање на проекти за равој и поддршка на мали и средни претпријатија и промоција на претприемништвото поддржани се 24 од 26-те пристигнати апликации со 3,5 милиони денари. Преку четвртата мерка – кофинансирање на проекти на занаетчиските комори и еснафите за развој и промоција на занаетчиството поддршка добија седум од 10-те апликанти во вкупен износ од 1,1 милион денари.
„ Интересот за сите мерки беше исклучително голем и во 2017 година се субвенционирани над 150 претпријатија, занаетчии, комори, еснафи, здруженија на граѓани. Владата на Република Македонија и Министерството за економија ќе продолжат да ги поддржуваат малите и средни претпријатија и идната година, па можам да ја споделам со вас информацијата дека во предлог буџетот за 2018 година за оваа програма се планирани над 38 милиони денари, што значи буџетот за оваа програма се зголемува за цели 60% во споредба со претходнава година и ќе изнесува изнесува 38.110.000 денари“, најави министерот Бектеши на задоволство на претприемачите. Во 2018 година покрај постојните мерки кои се реализираат во претходната година преку оваа програма ќе се реализираат и нови мерки преку објавување на јавни повици.
Решенијата и договорите на претприемачите им ги врачија министерот Крешник Бектеши, државниот секретар Зоран Павловски и државниот советник Блерим Златку.