Алијансата на Албанците нема да го добие Министерството за здравство бидејќи предлозите за министри се веќе испратени во Собрание, изјави вечерва премиерот Зоран Заев во Ноќно студио на Телма.
Со тоа тој потврди дека не отстапува од одлуката нов министер за здравство да биде неврохирургот Венко Филипче.
Тој нагласи дека здравството на почеток припаднало на оваа партија заради Арбен Таравари, но него веќе го нема.
„На никого не му следува по паритет здравството туку се оди на квалитет, изборот с е прави за индивидуа, не за партија. Непријатно ми е заради Села бидејќи тој беше рамо до рамо со мене во Собрание и заради тоа толку време траеја овие преговори, но не најдовме заедничко решение. Се надевам понатаму ќе градиме соработка и не само со Алијансата, туку и со будното око на опозицијата“, изјави премиерот Заев.
За црната кампања и обвинувањата кон Венко Филипче во јавноста, Заев рече дека нема предрасуди и му дава можност како на човек во кој верува дека има визија за реформи.
„ Знаеме кога бил советник на Тодоров, тоа било на почетокот, после тоа не. Шест месеци ми е мене советник, тој е добар специјалист, добар познавач на здравството има идеи за реформи, има години за да се докажува. Нели треба да им да им дадеме можност на вакви кадри, немам предрасуди и давам предност на него како на човек. Ако нема резултати ќе заврши како и секој.
Во однос на тоа што здравството е се уште во хаос, Заев рече дека шест и пол месеци е новата власт, и за тоа време не може да се очекуваат толку брзи промени во здравството. Тој најави Стратегија и реформи, да се обезбедат доволно лекари и уште на почетокот на идната година да се изедначат надоместоците за ноќни дежурства на сите лекари. Заев најави поголемо зголемување на платите, ако успеат да заштедат доволно финансиски средства.
„ Ако успееме да заштедиме во централизирање на набавките, во разни реагенси, нерентабилни здравствени домови, можеме да дојдеме до покачување од 15 отсто, а на почеток на годината да ги изедначиме дежурствата. Има еден куп инструменти кои се набавени заради бизниси и стојат така. Треба ангажираме луѓе што ќе работатат со апаратите кои стоеле така“, рече Заев.
Што се однесува за паралелниот увоз на лекови премиерот најави дека новина ќе биде тоа што секој увозник на лекови ќе мора да поседува сертификат од производителот со што ќе се гарантира квалитет на лековите.
„ Секој лек се проверува бидејќи се може да се случи. Сега еве инсулинот се проверува во Германија. Лековите се квалитетни. Ние немаме проблем со паралелниот увоз, но новината ќе биде тоа што секој увозник ќе мора да има сертификат од производителот. Има референтни земји од кои ќе се увезува но, со сертификат“, рече премиерот Заев во Ноќно студио на Телма.