Судењето за предметот „Траекторија“ на СЈО е одложено за 31 јануари 2018 година.
Во овој предмет обвинет е Никола Груевски кој не се ни појави во судот во закажаниот термин, а во судница не можеше да се слушне оправдување за неговото отсуство.
Меѓутоа, дури 15 минути по откажувањето на рочиштето откако си заминаа дел од обвинетите Груевски дојде во судот.
Меѓу причините за одлагање на судењето е и тоа што судијката Верка Петковска која е дел од судскиот совет по Нова година е распоредена во друг оддел што значи дека во советот ќе има нов судија и предметот ќе треба да почне од почеток. Исто така, доказите на СЈО кои не беа преведени на македонски сега се преведени и одбраната ќе ги подигне денес, па ќе може да направи увид до следното рочиште.
Покрај тоа за 31 јануари, судијата Горан Бошевски закажа уште едно рочиште за 14 февруари.
Покрај поранешниот премиер Груевски обвинети во случајот се и екс вицепремиерот Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и екс директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски. Сучајот се однесува на договорите со Кинезите за изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.
Груевски е обвинет за делото примање награда за противзаконито влијание, а останатите тројца за злоупотреба на службената положба и овластувања. Според обвинението, во периодот од октомври 2012 до октомври 2013, поттикнати од тогашниот премиер Груевски останатите обвинети ги искористиле и пречекориле овластувањата во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатските делници и на тој начин прибавиле имотна корист за компанијата односно го оштетиле буџетот за 155.117.256 евра.