ЈП Водовод и канализација – Скопје, постапувајќи по укажувањата и одлуките дадени од Државениот трудов инспекторат, донесе одлуки за престанок на работен однос на вкупно 19 вработени лица.
Како што соопшти претпријатието, станува збор за лица кои во текот на месец јули 2017 година пред одржувањето на локалните избори, засновале работен однос спротивно на закон, неисполувајќи ги бараните услови од објавените јавни огласи, во поглед на степенот и видот на образование.
„Биле вработени лица со образованиe музичар изведувач, аранжер во трговија, хотелско-туристички техничар, прехранбен техничар, медицински лаборант, продавач и сл. што е спротивно на актите на претпријатието, со што бил оштетен и буџетот на истото“, се наведува во соопштението од „Водовод“.
За ова Државниот трудов инспекторат има поведено прекршочна постапка против ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и против поранешниот директор на претпријатието Александар Атанасов.
„Ја информираме јавноста дека новото раководство на ЈП Водовод и канализација – Скопје затекна состојба на превработеност, голем број на фиктивни вработувања, вработувања на лица од Пустец, Албанија, кои воопшто не доаѓале на работа, а примале плата. Во оваа насока ЈП Водовод и канализација – Скопје ја информира јавноста дека во иднина ќе ги преземе сите законски мерки за отстранување на ваквите неправилности“, се додава во соопштението од „Водовод“.