Извршителите нема да блокираат сметки на приматели на социјална помош

Оваа новина стапува на сила со потпишаниот меморандум за соработка меѓу Комората на извршители и Министерството за труд и социјална политика.

Нема повеќе да се блокираат сметките на примателите на социјална помош. Извршителите ќе имаат пристап до посебен електронски регистар, така што веднаш ќе имаат увид дека станува збор за луѓе од ранлива категорија. Оваа новина стапува на сила со потпишаниот меморандум за соработка меѓу Комората на извршители и Министерството за труд и социјална политика.

„Со овој меморандум ние веднаш ќе можеме да утврдиме, дека ако утврдила државата дека тоа лице е социјален случај, треба да се отстрани од системот на извршување до промена на неговиот статус. Кога ќе се промени статусот, до вработување или до стекнување на некој имот, тогаш ќе може да се реализира извршувањето во тој дел“, изјави претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов.

Досега овие луѓе чекаа и по неколку дена да заврши писмената коресподенција меѓу извршителот и Центарот за социјални работи, а дури потоа да им бидат деблокирани сметките и да имаат пристап до парите за социјална заштита. Оваа новина ја забрзува постапката и штити од непотребни трошоци, но не подразбира отпис на долговите, туку нивна наплата штом ќе имаат паричен прилив од друго место.

„Во изминатите години не само што имавме блокирање, туку и за одблокирање на сметките граѓаните имаа обврска да плаќаат. Сега тоа го надминуваме и граѓаните се ослободени од трошоци, но ќе се надминат проблемите со кои што се соочуваат и извршителите, а и МТСП се ослободува од товарот со одредени пари кои од буџетот беа наменети за граѓаните, да бидат потрошени за банкарски или други административни трошоци“, изјави министерката Царовска.

Новиот софтвер, велат надлежните, содржи највисоки стандарди за заштита од злоупотреба на личните податоци.

 

 

Треба да знаете
Последни објави