Градоначалникот Петре Шилегов денеска го посети Пунктот и Прифатилиштето за бездомни лица во Момин Поток и во пресрет на новогодишните празници им подели пакети со топла облека.
Градот Скопје континуирано финансиски го помага работењето на овој центар, и таа наша поддршка ќе продолжи и следната година, со цел да им го олесниме животот на овие бездомните лица. Ова се наши сограѓани и ние и како луѓе и како институција треба да се трудиме да им помогнеме што полесно да се интегрираат во системот, и се надевам дека следната година на ова место ќе ги има во многу помал број – истакна градоначалникот Шилегов.
Тој, исто така, им подели пакети со топла облека и обувки на бездомниците и им ги честиташе претстојните новогодишни празници.
Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска истакна дека стационарот е 24 часа отворен за да им излезе во пресрет на лицата во ладните денови кога температурите паѓаат под нулата и во него има тимови коишто со возило ги преземаат бездомниците од местата каде што се лоцирани.