Градоначалниците да подготват проекти за гасифицирање на општините
Градоначалниците да подготват проектна документација за гасификација на општините и да одлучат дали сами ќе инвестираат, дали ќе најдат инвеститори или тоа ќе го сторат преку јавно-приватно партнерство, порача премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Министерство за финансии.
Прашан за гасификацијата на Скопје, Заев додаде дека има гасоводна цевка до градот, но дека нејзината искористеност е од 15 до 20 проценти.
-Ги мотивирам градоначалниците да почнат со изготвување на проектна документација. Има главна гасоводна мрежа, но општините мора да имаат главни проекти. Некои од градоначалниците веќе доставија планска документација – рече Заев.
Тој додаде дека гасификацијата е многу важна од економски и еколошки аспект, а за неа во буџетот се предвидени 35 милиони евра.