Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, тврди дека наследил партизирана администрација во Општината и вработените кои не само што не ги исполнуваат работните задачи, туку и воопшто не се појавуваат на работа. На вчерашната средба со ислениците, Таравари им се пожалил дека е условен да ги задржи на работа овие вработени и дека во спротивно Општината не ќе може да формира Совет.
-Ги употребивме сите средства и продолжуваме да правиме напори и понатаму да не се блокира работата на советот, но од другата страна наидуваме на отсуство на волја, а што се проследува со ирационални барања, како што е да ги задржиме на работа нивните партиски војници кои не само што ништо не работат, туку и воопшто не доаѓаат на работа. Кажете ми, ве молам, може ли тоа да се случи во европските земји каде што вие работите? – ги праша иселениците Таравари.
Во салата преполнета од иселеници , Таравари ги запозна иселениците, кои за време на новогодишните празници престојуваат во родниот крај, со актуелната состојба во општината и проблемите кои се појавуваат како резултат на нефункционирање на Советот на Општина Гостивар и опструкции кои се прават од страна на политичките опоненти.
-Ја наследивме општината со огромни долгови кои ја надминуваат бројката од 2 милиони евра, покрај долгот на јавните претпријатија чија вредност најверојатно е четирикратно повеќе од долгот на општината. Наследивме крајно партизирана општинската администрација, јавни претпријатија и училишта. Го констатиравме тоа што го знаеја граѓаните, но немаа аргументи, т.е. бројни злоупотреби со јавните пари, односно со парите на гостиварските даночни обврзници. Сите тие ќе ги обелодениме бидејќи има општински служби и државни органи кои постојат токму за таа цел, така што нема да трошиме енергија и нема да нѐ спречи да ги тераме напред работите – истакна градоначалникот.