Двајца потешко и четворица полесно повредени во 10 сообраќајки во Скопје
Двајца пешаци се здобиле со тешки телесни повреди во две од вкупно 10 сообраќајки регистрирани во текот на изминатиот ден на подрачјето на СВР Скопје. Во четири незгоди со полесни повреди се здобиле четири лица, а во четири била причинета само материјална штета.
Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција открила и санкционирала седум возачи што се движеле со брзина поголема од дозволената, седум возачи кои поминале коловоз на црвено светло, тројца возачи што не дале првенство на минување на пешаци, тројца возачи за неправилно престројување и двајца возачи за неправилно престигнување.
Од сообраќај биле исклучени двајца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 13 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и четворица возачи почетници, како и девет нерегистрирани возила и едно возило за претовар. Санкционирани биле и четири пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин. Затекнати биле 117 непрописно паркирани возила.
Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 82 возила.