Во Тетово и Гостивар приведени македонски и странски државјанки, кои ги забавувале гостите
Полицијата во Тетово и Гостивар синоќа цела вечер приведувала македонски и странски државјанки од Албанија и Србија кои ги забавувале гостите, информираа од МВР.
Според информациите во полицискиот билтен, во периодот од 23.50 часот на 07.01.2018 до 01.25 часот на 08.01.2018 година полициски службеници од СВР Тетово извршиле акциска контрола во угостителски објект на улица ,,Коле Неделкоски“ во Тетово, сопственост на Б.М. (36) од Тетово. За време на контролата во објектот биле затекнати четири странски државјанки и една државјанка на Република Македонија како ги забавуваат гостите. Сите лица биле приведени во полициска станица, а М.Д. (27), Л.А. (30), Ф.Т. (24) и С.Н. (30), сите од Република Албанија, поради злоупотреба на туристичкиот престој, биле задржани во Полициската станица Тетово за понатамошна постапка.
Додека пак, синоќа во периодот од 02.30 до 03.00 часот, полициски службеници од Полициската станица Гостивар извршиле акциска контрола во угостителски објект во с.Равен, гостиварско, сопственост на Ј.А. од Гостивар. За време на контролата во објектот биле затекнати две странски државјанки и пет државјанки на Република Македонија како ги забавуваат гостите. Сите лица биле приведени во полициска станица, а В.Д. (21) од Република Албанија и М.Р. (27) од Република Србија, поради злоупотреба на туристичкиот престој, биле задржани во полициска станица за понатамошна постапка.