Американците предупредени да не патуваат во Косово и во БиХ
Американскиот Стејт департмент денес објави обновенo предупредување до американските граѓани кои патуваат во странство.
На интерактивна карта поместена на веб-сајтот на Стејт департментот, сите земји се поделени во четири категории. Нашите најблиски соседи како Косово и Босна и Херцеговина се ставени во втора категорија.
Во објаснувањето што го доби дописникот на МИА во Вашингтон, стои дека во земјите од втора категорија постои ризик од нарушена безбедносна ситуација и се препорачува особена внимателност и будност при патување во овие земји.
Во предупредувањето за патување во Косово се советува особена внимателост поради зголемен ризик од можен тероризам.
– Во некои градови и села како Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан можни се граѓански немири, се вели во предупредувањето.
Понатаму, истакнато е дека терористички групи од Косово и Босна и Херцеговина подготвуваат можни напади во регионот на Балканот.
– Терористи можат да извршат напад без предупредување. Нивна цел се туристички локации, пазари и шопинг центри, локални владини установи, хотели, клубови, религиозни места, паркови или големи спортски и културни настани, се вели во предупредувањето.
За Босна, покрај за тероризам, важи предупредување и за нагазни мини, и се наброени истите точки каде терористи би можеле да извршат напади.
Најзагрозени се земјите од трета и четврта категорија каде се проперачува преиспитување на патувањето и избегнување да се патува поради сериозен ризик во однос на безбедноста. Русија, на пример, е ставена во трета категорија. Патувања во регионот на северен Кавказ не се препорачани поради граѓански немири.
– Не патувајте на Крим поради странска окупација и злоупотреби од страна на окупантите, се вели во предупредувањето.
Заменик помошникот на државниот секретар, Мишел Берние-Тот на специјален брифинг за новинарите во Стејт департментот укажа дека дел од земјите од четврта категорија се и Авганистан, Централна Африканска Република, Ирак, Иран, Либија, Мали, Северна Кореја, Сомалија, Јужен Судан, Сирија и Јемен.
Во предупредувањето се прецизира дека условите во сите овие земји можат да се променат ненадејно и на американските граѓани им се препорачува воопшто да не патуваат таму.
Македонија, како и нашите соседи Албанија, Србијa, Бугарија или Грција се ставени во прва категорија на земји каде условите за патување се нормални и ризикот по безбедноста е низок.